„Со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој предизвика политички хаос, недоверба, дилеми. Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука.“ – вели во интервју за Македонската информативна агенција – МИА претседателот на Уставниот суд на Република Македонија Дарко Костадиновски. Интервјуто го пренесе информативниот портал „МКД.мк“.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, Оформен е од 2019 година. „Свесни сме за јавниот интерес и за можните последици, ако одлучи Судот да го укине, или да го остави во примена овој Закон, или да интервенира во одредени одредби. Можно е да има незадоволни.“ – нагласува Костадиновски.
„Законот се применува и создава проблеми во примената и од тој аспект од 1 септември со стапувањето во сила на новиот Акт на Судот, со цел да не настапат штетни последици за граѓаните, Уставниот суд може со донесе за поведување постапка да одреди временски рок, во кој законодавецот треба да се усогласи и да ги отстрани можните уставно проблематични одредби во рок не подолг од шест месеци. Јас не можам да предвидам дали ќе се случи тоа.“ – додава Костадиновски.
На прашањето дали ќе успее Судот мудро да избалансира без да ги наруши политичко-етничките односи во државата како и можните безбедносни предизвици, претседателот на Уставниот суд Костадиновски појаснува дека Уставниот суд го носи најголемиот товар да одлучи, односно да пресече за какво било деликатно прашање но, како што вели, затоа и постои Судот. „Не може политиката како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со Устав исцртаните рамки, да прават правен хаос, кој создава политички хаос, и кога Судот ќе даде правен одговор на хаосот тогаш да се етикетира, или одлуките на Судот да се повод за некоја политичка напнатост.“ – нагласува Костадиновски.
Тој смета дека одлуките на Судот не треба да се сметаат како закана против некого, или нешто, ниту како одлуки, со кои се зголемуваат или се намалуваат нечии права, туку треба да бидат прифаќани и да бидат насока, рамка за дејствување согласно со наодите на Судот за сите останати власти, законодавна, извршна, судска, монетарна или локална. Да помогнат, нивните дејства, прописи или одлуки да бидат усогласени со Уставот.
На прашање на Македонската информативна агенција што да се очекува од Уставниот суд во врска со предметот познат како „балансер“, што е на дневен ред на седницата закажана за 18 септември, Костадиновски одговара дека од Судот може да се очекува расправа, во која ќе се изнесат и ќе се судрат уставно-правни факти и аргументи и одлука, која ќе биде издржана и исклучиво уставно втемелена.
Според него, само правно аргументирана и образложена одлука може да влијае врз довербата на граѓаните во владеењето на правото. „Државната Комисија за спречување на корупцијата е подносител на таа иницијатива. Прашањето што е поставено пред Судот создава дилеми во нашето општетство. Наша должност е да ги отстраниме таквите дилеми на правно-авторитетен начин, што ќе биде прифатено од секој. Но, да не прејудицираме: за краток период јавноста ќе има можност да ги слушне сите факти и докази, аргументите на судиите и на Судот.“ – укажува Костадиновски.






