Никој во државата нема повеќе права од оние што му ги дава Уставот и секој е должен да го почитува Уставот, вклучувајќи го и Собранието, кажал денеска претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во врска со најавените интерпелации на ДУИ за сите членови на овој Суд, а во пресрет на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците закажана за в четврток (20 март), пренесува порталот „360 Степени“.
Претседателот на Уставен се надоврза на вчерашното соопштение од Судот во кое оттаму наведоа дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија, ниту од страна на законодавната ниту од извршната власт.
Костадиновски дополнително даде и свое мислење и образложение на ваквиот став на Уставниот суд.
„Кристално јасно му е на секој на студент на правен факултет од прва година дека Уставниот суд претставува четврта власт и не подлежи на начелото на поделба на власта. Инструментот интерпелација во никој случај не може да биде употребен за уставните судии, затоа што ние сме контролори на сите три власти, и на законодавната и на извршната. Тоа би бил распад на уставниот поредок. Замислете Собранието да не е задоволно од некоја постапка или некоја одлука на Уставниот суд и да покрене интерпелација на судиите. Смислата на Уставот не е таква. Уставотворците не случајно нè издвоиле. Тоа значи дека уставното начело за поделба на власта важи само и само за овие три власти (извршната, законодавната и судската), тие ја делат власта и во таа поделба на власта постојат принципи што се викаат контрола и рамнотежа и интерпелацијата е еден од тие механизми“,
Тој и со една реченица, условно кажано, пластично го појасни овој нивен став.
„Собранието не може да биде контролор на тие што го контролираат“,рече претседателот на Уставен.
Прашан што доколку бидат поднесени вакви интерпелации и ако евентуално претседателот на Собранието ги стави во постапка, дали тоа ќе значи дека спикерот ќе треба да понесе некаква одговорност, Костадиновски рече дека тој не може да предвидува дали некој ќе понесе одговорност, туку може само да укаже дека секој е должен да го почитува Уставот.
Во своето образложение тој ги спомена изгласаните интерпелации на петтемина членови на Судскиот совет, па во таа насока беше и прашан кој е неговиот став во врска со овој потег, кој опозицијата и дел од правниците го оценија како упад на извршната во судската власт, користејќи го притоа Собранието како инструмент.






