Костадиновски: Одлука за Законот за јазиците по локалните избори

„Моја проценка е дека конечната одлука за Законот за јазиците ќе биде донесена после локалните избори, изјави во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.



„На 19 јуни ќе ја организираме подготвителната седница. Потоа, ќе ни требаат до два месеци да се подготви нов реферат и да се сублимираат мислењата на сите учесници. Моја проценка е дека конечната одлука ќе биде донесена после изборите“, објасни тој.

Според него, како судии утврдиле пет или шест спорни прашања што се однесуваат на Законот, за што сакаат да ја консултираат експерти од струката и науката.

„Од Венецијанската комисија ќе дојдат да го образложат пријателскиот совет што веќе е присутен. Ќе дојде и судија од Европскиот суд за човекови права, а експерт за малцинските права ќе ни образложи кои се меѓународните стандарди, кои се европските стандарди за користење на јазичните права. Ќе ги слушнеме и нашите експерти по уставно и меѓународно право, како и по човекови права. И ние како судии имаме потреба да слушнеме што вика струката и науката и кои се меѓународните стандарди“, вели костадиновски.

Според него, непотребно се создаде голема фама со давање на етнички и политички димензии за постапувањето на судот.

„Мое длабоко уверување е дека ние во овој стадиум на развој на нашето општество немаме проблем во меѓуетничките односи. Имаме друг тип на проблем, а тоа е злоупотреба на меѓуетничките односи за политички цели. Ете, тоа го сведочевме целиот изминат период и по постапувањето за балансерот и по Заонот за употреба на јазиците“, истакна Костадиновски.

Посочи и дека никој не треба да стравува од постапувањето на Уставниот суд, оти нема да биде ускратено ниту едно право што граѓаните го уживаат од нашиот Устав

Уставниот суд на седницата одржана на 11 декември 2024 година одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.