По летошното заедничко сликање во Скопје и тоа на почетокот од подготовките на македонската кошаркарска селекција и неколкудневното чекање да и се приклучи, што не се случи, а како последица имаше незапамтен дебакл на нашата А селекција, Перо Антиќ сега порачува дека ќе заигра за Македонија ако го сменеле Петар Наумовски од местото претседател на МКФ.
„Да почекаме и да видиме што ќе се случи со раководството. Доколку остане истото раководство, јас воопшто нема да размислувам за враќање во националниот дрес. Иако станува збор за играње за својата земја, ова раководство само чека да направи некои проблеми, и да ги лечи своите комплекси. Тие ја уништија хемијата што ја красеше македонската репрезентација, па затоа засега е статус кво“, меѓу другото рече Антиќ за Спортклуб.
Дека Пеце треба и дека ќе си оди е прашање на време и во моментов делува сосема извесно, но дали Антиќ ќе го одржи зборот останува да видиме. Должни сме само да потсетиме дека крилото на Црвена Звезда имаше безброј шанси во овие 4 години, откако во 2013 година донесе одлука да се повлече, повторно да се приклучи. Од нему познати причини тоа не го чинеше и постојано по извесно тактизирање наоѓаше објаснување дека мора да отсуствува.
Антиќ е еден од тие што го направија најголемиот успех на Македонија со 4 место на ЕП во Литванија, но и еден од оние што ја урнисаа нашата кошарка која летово загуби од Косово, и Европско и Светско нема да види во догледно време.