Важна вест стигна од Народна банка на Македонија. А таа е дека нашите банки се полни со граѓански заштеди, кои веќе „опасно“ се доближуваат до шест милијарди евра. Најновиот податок е за јули оваа година, и тој покажува дека вкупните депозити кои во моментов се чуваат во домашните банки, изнесува близу 9 милијарди евра, или прецизно 8,89 милијарди.
Ова се вкупните депозити, каде влегуваат и парите на граѓаните, односно граѓанското штедење, но и депозитите кои во банките ги чуваат фирмите и кои им се потребни за нивното работење, објави Фактор. Но, она што нас не интересира се заштедите на домаќинствата, кои се всушност главниот извор на кредитирање на банките, но и главната движечка сила на економијата, тој податок за крајот на јули говори дека граѓанските заштеди се дури 5,97 милијарди евра. Толку пари чуваат македонските домаќинства во домашните банки.

Во однос на само еден месец тоа е раст за 43 милиони евра, што значи дека Македонците само во јули внеле во банките нови 43 милиони евра во форма на нивни заштеди. Колку год граѓанското штедење да не се смета за атрактивно, по се изгледа дека останува инвестициски столб број еден на домашното граѓанство. Она што радува во последниот период е и фактот што и натаму продолжуваат да растат заштедите во денари, кои ги претркаа депозитите во странска валута.

Односно, во денари граѓаните сега штедат 3,04 милијарди евра, што говори дека прв пат тој тип на штедење ја надмина психолошката граница од три милијарди евра. Во однос на претходниот месец, пак, тоа е зголемување за близу 39 милиони евра. Додека, пак, во странска валута, чии каматни стапки се значајно пониски, граѓаните на крајот на јули чуваат 2,93 милијарди евра, што е раст за околу пет милиони евра во однос на претходниот месец.
„Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 7,3 отсто, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот домаќинства, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор“, се вели во соопштението од централната банка.





