Колкав профит за три месеци остварите трите најголеми банки во земјава?!

Трите најголеми македонски банки покажуваат голема отпорност кон случувањата, ризиците и неизвесностите надвиснати и на глобално и на локално ниво. Високата профитабилност ги следи во секое време и без оглед на променливата „среќа“ во одделни сегмент од работењето, некои и клучни, во финансиските изештаи запишуваат големи резултати, објави Пари. Уште повеќе, ова е само почетната фаза од годината, што претпоставува дека имаат доволно простор да го надоместат загубеното.



Со сите свои минуси и плусови, Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје и НЛБ банка имаат заедничка добивка од безмалку три милијарди денари. Или, 48,3 милиони евра. Подобри се за нешто повеќе од четири милиони евра, со оглед на збирот од пред една година, од 44,2 милиони евра.

Во тримесечниот период, Комерцијална банка и НЛБ банка имаат профит без задршка. Или, бележат раст во споредба со ланскиот прв квартал. Кај најголемата банка зголемувањето е за 20,1 насто, а добивката е во износ од 23 милиони евра. Нагорното движење е поуспешно од она на релацијата март 2023 – март 2024, од 13,4 проценти.

Добивката на НЛБ е 11,7 милиони евра, зајакната за 6,1 процент. Инаку, на 31 март 2024 година, оваа банка кај профитот имаше потфрлување од 15,5 отсто во споредба со годината пред тоа.

Скопската Стопанска банка, пак, која лани ова време имаше убедливо најголем раст кај профитот (23,4%), сега минусира 3,29 проценти. А нето-износот на добивката е 13,5 милиони евра.

Најважниот извор за банкарските приходи, врз кои најмногу се потпира и добивката, се каматите. Приходите од нив, кај Комерцијална банка се зголемени за минимални 0,8 проценти и достигнуваат скоро 24 милиони евра. Раст е евидентиран и во НЛБ банка, а износот е 19,4 милиони евра. Само кај Стопанска банка Скопје, која ја дава и најголемата кредитна поддршка, има пад од седум проценти, а нето-приливите се 23,7 милони евра. Во тој поглед банките многу повеќе напредувале лани, за што сведочат заедничките бројки: сегашниот скор по оваа основа е 67,1 милион евра, а по првиот квартал во 2024 бил 68,37 милиони евра.

Од пресметаните и наплатени провизии во „касичките“ на трите банки се слеале вкупно 14,7 милиони евра (лани во истиот перод – 14,12 милиони евра). Раст во овој сегмент има само кај НЛБ банка, додека Комерцијална банка евидентирала минимален пад од 0,5 проценти, а скопската Стопанска банка за осум отсто. Повеќе на порталот Пари.мк.