На денешен ден, на 16 ноември во 1923 година во гостиварското село Ниќифорово е роден народниот херој Чеде Филиповски-Даме. Иако живееше само 22 години, тој имаше бурен животен пат и успешна и богата воено-политичка кариера. Од ѕидарски работник Чеде стана командант на дивизија, а од член на партиска ќелија во 1941 година во родното Ниќифорово стана член на АСНОМ – највисокото преставничко тело во Македонија. Во четиригодишната борба против окупаторот и домашните предавници Чеде беше исклучителен и бестрашлив борец. Додека беше жив токму тоа му обезбеди сосема заслужено место во клубот на македонските легенди. По 79 години од неговото загинување остануваат неговите подвизи и натаму во колективното паметење на македонскиот народ, а сигурно и засекогаш… Соборците на Чеде зборуваат со пиетет за неговата храброст и бестрашност, за него како борец со големо срце...
„Даме го создаде Револуцијата во 1941, во окупирана Македонија“
Писателот Владо Малевски ќе запише: „Чеде го родија Митра и Русе Филипоски, а Даме го роди Револуцијата од 1941 година, во окупирана Македонија“. И ќе додаде: „Дамета го роди и Мавровското поднебје. Го родија тагите и солзите печалбарски, го родија гордоста и правдољубивоста на планините, го роди гневот на поколенијата против постојната сиромаштија, робувањето и експлоатацијата.“
Чеде Филиповски-Даме го минува своето детство го минува во родното Ниќифорово. Како момче на четиринаестгодишна возраст заминува во Белград, каде ќе го осознае тешкиот печалбарски живот, работејќи и по 15 часа дневно, носејќи малтер, тули, дрвена граѓа и слично. На белградските градилишта ќе ја осознае суровоста на печалбарскиот живот, ќе ги осознае неправилностите во животот. Сето тоа ќе му даде силен поттик да се бори за човековите права, за слобода на својот македонски народ.
Тешкиот ѕидарски живот во Белград го споделува со своите сограѓани. Повозрасните и поискусните од него ќе го вклучат во работничкото движење и така станува член на Обединетите работнички синдикати. Се запознава со голем број на студенти со напредни погледи со кои разменува литература. Активно се вклучува во организирањето излети, демонстрации и штрајкови во Белград. Поради зголемените активности со напредната младина, бил прогонуван од полицијата.
По шестоаприлската окупација на Кралството Југославија во 1941 година Чеде Филиповски се враќа во својот роден крај и активно се вклучува во националното ослободително движење. За кусо време станува член на Месниот комитет за Гостивар. Во 1942 година е поставен како секретар на Околискиот комитет на КПМ за Гостивар.
Во пролетта 1943 година заминува на терен, во воена единица, каде што политичката активност ја заменува со воените активности. Првата воена функција му е заменик–политички комесар во Мавровско-гостиварскиот партизански одред. Во 1943 година е поставен како командант на баталјон и заменик–командант на бригада, а во 1944 година како заменик-командант и потоа командант на 48-мата македонска дивизија на НОВЈ.
Чеде беше страствен вљубеник во Револуцијата и на нејзините цели. Во него гореше оган. Тој оган беше во неговата постојана потреба од акција, во неговата нестрпливост час поскоро да се дотолчи непријателот. Во многу борби се истакнуваше со својата храброст. Воинот Чеде доживеа на бојното поле најхрабрите да го признаат како најхрабар. Особено со својата храброст и неустрашливост се истакнува во борбите за ослободување на Кичево, Пресека, Дебар, Кленоец, Дебарца , Локов… Иако е заменик-командант на Првата македонско-косовска бригада, тој се наоѓа во првите борбени редови. Со тоа ја здобива довербата и стравопочита на своите соборци. Храбар, непосреден и правичен, Чеде станува омилен меѓу борците, кои му се обраќаат со името Даме. Чеде не само што имаше јуначко срце, туку и големо и топло човечко срце. Него го сакаа луѓето, но и тој ги сакаше. Најмногу ги сакаше правдата и вистината, слободата и својот народ.
Доживеа да биде на чело на дивизија, да го ослободи и родниот крај, да ја види слободна Македонија. По ослободувањето, во мај 1945 година беше испратен во Белград, каде што со голем успех ја завршува Вишата воена академија. Јуначкото срце на херојот Даме престана да чука на 29 јуни 1945 година, веднаш по сообраќајната несреќа, што му се случи кај Радовиш, при судар на неговиот моторцикл со автомобил, возејќи од Штип кон Струмица. Загинувањето на Даме беше мистерија, која и по 65 години се уште не е разјаснета. Дали беше сообраќајна несреќа, или ликвидација на херојот!?Чеде загина, но не престана да живее. Остана да живее во партизанските песни и легенди, во молчеливата бронза, излеана во споменикот, нему посветен во Гостивар. Остана да живее во книгите и ученичките тетратки, во смеата и играта на младоста.
За заслугите во Народноослободителната војна на Македонија од 1941 година Чеде уште за време на својот живот, со одлука на Претседателот на АВНОЈ, на 6 декември 1944 година беше одликуван со Орден на партизанска ѕвезда со сребрен венец од втор ред. На 1 август 1949 година посмртно беше прогласен како народен херој на Југославија. Носител беше на “Партизанска споменица 1941”, на “Партизанска ѕвезда” и други одликувања.
Преземено од „Македонска нација“
.





