Кога државата ќе воведе е-фактура?!

Управата за јавни приходи најавува воведување централен систем на е-фактура кој ќе ја намали даночната евазија и ќе ја подобри контролата на паричните текови во земјата, ќе им го олесни работењето на компаниите, но ќе влијае и на сивата економија која зафаќа меѓу 20 и 40% отсто од вкупната економија или речиси 1 милијарда евра од националниот бруто производ, обајви ПлусИнфо.



Бизнисот очекува брза имплементација на системот и зајакнување на фискалната дисциплина која покрај компаниите ќе ја опфати и државата како еден од субјектите во системот на плаќање, а економистите сметаат дека треба да се одбегне досегашната практика да се носат добри решенија кои не се применуваат во практика. Тие велат дека законски е-фактурата е веќе во примена под одредени услови но во практика таа речиси и да не се применува.

Се започна со соопштение од УЈП кое најави дека процесот на воведување систем на е-фактура се интензивира, дека се одржани состаноци со Министерството за финансии, Царинската управа и со ИТ компании на кои се разговарало за меѓусебна координација, размена на податоци, поврзување на постоечките државни електронски системи, како и можностите за приспособувањето на софтверите кај домашните фирми за да можат да го воведат системот е-фактура. Од Управата најавуваат тестирање на системот веќе следната година по што ќе се знае кога ќе може таа да се применува.

Е-фактурата ќе биде основа за подобра финансиска дисциплина

Системот е-фактура, покрај придобивките за државата во однос на собирањето на даноците, ќе значи и придобивка за компаниите бидејќи очекуваат да се подобри финансиската дисциплина на државата и на фирмите кои одбегнуваат да плаќаат во дадените рокови.

– Е-фактурата треба да се воведе што е можно поскоро бидејќи државата така ќе ги наплати даноците. Паралелно со воведувањето на овој систем треба да се зајакне и примената на законот на финансиска дисциплина кој подразбира редовно намирување на обврските меѓу компаниите, но и на државата и на приватниот сектор. Посебно очекуваме државата да ги намирува обврските во утврдените рокови, бидејќи е познато дека и покрај обврската да ги има обезбедено парите при објавување на тендерите, подоцна таа доцни со исплатата на сработеното и се измислуваат најразлични начини исплатата да се одолговлекува. Што значи тоа за компаниите е добро познато, а познати се и сумите кои државата ги должи. Дополнително е важно да се воведе системот за да нема манипулации кои ги користат компаниите дека не е платена фактурата со најразлични изговори дека фактурата не е стигната во сметководство и слично. Со електронскиот систем тоа нема да биде можно бидејќи фактурата ќе се следи и лесно може да се види кога е издадена и каде е запрен процесот – вели претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски.

Тој очекува системот да се воведува во неколку фази во кои компаниите и сметководствените бироа ќе можат да се усогласат на новите правила.

– Може да се рече дека сметководителите не се подготвени за воведување на системот, но кога ќе се донесат роковите тие ќе мора да се усогласат. Очекувам системот да се воведува во неколку фази и за тоа да бидат дадени рокови. Вакви системи веќе има воведено и во нашето соседство каде што прво е-фактурата беше воведена за плаќањето кон државата, па потоа меѓусебно. Но ние можеме да си одбереме наш модел – вели тој.

Ангеловски очекува на овој начин да се намали и сивата економија која е најсилната конкуренција на компаниите кои ги плаќаат сите обврски кон државата.

Воведувањето на системот е-фактура доколку не остане само законска обврска и се воведе во практика ќе значи многу за финансиската дисциплина, но во однос на борбата со сивата економија се потребни и дополнителни мерки, вели Маријанчо Николов, економист и поранешен пратеник.

– И досега веќе постоеше е-фактура која беше дозволена со закон и имаше одредени услови да се применува, но таа малку или воопшто не се користи. Ако се воведе и добро се практикува, односно се имплементира, ќе биде добро за државата која ќе прибира голем дел од парите кои ги губи по разни основи, а на компаниите кои легално работат ќе им се олесни работењето. Во однос на сивата економија, не верувам дека ќе даде одредени ефекти, и сметам дека се потребни дополнителни мерки за да се намали овој вид економија, бидејќи голем дел на стоката сè уште се продава без издавање фактура. Токму тој дел е проблем за системот, па треба да се најде начин да се намали – вели Николов.

Николов очекува во процесот на подготовка и реализација на проектот да бидат вклучени сите заинтересирани субјекти, навреме да се завршат обуките и тестирањето на системот за да може подоцна да функционира без проблеми. Повеќе на ПлусИнфо.мк.