Кога Антикорупција и ОЈО ќе се позанимаваат со струмичкиот „Елон Маск“ Костадинов, кој купи 10 автобуси за 7 милиони евра?!

„Без расправа на седница на Совет на општина Струмица за студија за изведливост за јавен превоз, без јавни консултации со граѓаните и експертите, Општина Струмица на почетокот на септември треба да добие 10 автобуси, кои чинат вкупно 7 милиони евра, како и 6 полначи за електрични автобуси во вредност од 228 илјади евра. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на општина Струмица поставува прашање околу ваквото недомаќинско трошење општински пари: дали ваквиот проект е во интерес на граѓаните, или во прашање е корист за струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов?!“реагира жестоко на својот фејсбук-профил Владимир Ристов, советник во советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на општина Струмица.



Д-р Никола Маџунков, координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на Струмица уште на 27 март 2024 година во своја објава на фејсбук изнесе тврдења, кои, заедно со најновите тешки сомнежи и обвинувања на советникот Владимир Ристов, ќе мораат да бидат повод Државната Комисија за антикорупција, но и обвинителството и другите органи на прогонот, час поскоро да се позанимаваат со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, кој се става во улога на мултимилијардерот Елон Маск, па со пари на народот и државата, реализира „нов ПРОФИТЕРСКО – ПРОВИЗИСКИ проект пред избори“, како што наведе Маџунков: Се трошат за набавка за електрични комбиња 7 МИЛИОНИ евра (429,9 милиони денари)!  Кој ќе ја земе провизијата од 250 илјади евра по комбе, или 2.5 милиони евра? Дали Костадинов пред избори прави профит бизнис зделка за 2.5 милиони евра провизија?

На општествената мрежа советникот Владимир Ристов уште нагласува: Струмица е последната голема општина во Македонија, која ќе воведе јавен превоз, но ќе ги има најскапите автобуси во Европа! Еден модел на најновиот електричен „Тесла“- автомобил на Елон Маск во просек чини 60 илјади евра, за еден автобус, кој го купил градоначалникот Костадинов, чини колку како 12 електрични автомобили од моделот „Тесла“. Ваквата луксузна набавка на автобуси е преоптоварување на општинскиот буџет. Наместо скапите автобуси можеа да се набават поевтини, а со другите пари да се прават канализации, водоводи, училишта, игралишта, улици и тн.

Автобусите во Струмица ќе бидат со капацитет од 21 седиште и 22 места за стоење, додека сите други се со капацитет меѓу 50 и 100 патника. Автобусите во Струмица, од кој еден чини 700 илјади евра, се многу поскапи од сите автобуси во Македонија, 7 пати се поскапи од дизел-автобусите во Штип и 3-4 пати поскапи од еко-метан автобусите во Скопје, Прилеп и Битола. Автобусите во Струмица, од кој еден чини 700 илјади евра, се речиси двојно поскапи од сличните електричните автобуси во Солун и Атина, на кои вредноста им е околу 440 илјади евра за еден автобус. Од податоците на интернет може да се види дека се речиси двојно поскапи од слични автобуси во Брашов, Ќустендил, Крањ, Бургас, Нотингем и други европски градови.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Струмица уште пред неколку години ја предложуваше идејата за јавен градски превоз, кој можеше да чини најмалку 5 пати поефтино од моментното расипничко трошење на јавните пари.