За најавата на техничкиот министер за надворешни работи Бујар Османи за преиспитување на учеството на Македонија во иницијативата Отворен Балкан, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека Отворен Балкан е оригинална иницијатива што потекнува од регионот формирана од три држави – Македонија, Албанија и Србија и која што е заснована на четирите слободи на Европската унија.

Вели дека таа во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на Европската Унија, а тоа е слободното движење на луѓе, слободно движење на капитал, на производи и слободно движење на услуги. Додаде дека кога ќе ги погледнете иницијативите коишто беа направени во рамки на Отворен Балкан, тие се токму тоа.
- „Од друга страна, политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба. Јас останувам на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна. Постојат 72 регионални иницијативи во Западен Балкан, една од нив е Отворен Балкан“, вели Ковачевски.
Османи рече дека ако Србија е вмешана во нападот во Бањска кој се случи лани на Косово, тогаш Македонија треба според него да ја напушти иницијативата.





