Ковачевски до Мицкоски: Многу полесно се станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ отколку на СДСМ

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека Стево Пендаровски има многу јасен план и програма за тоа каде треба Македонија да се движи во наредните пет години, за разлика од неговиот противкандидат „што нема програма и не можеме уште да ја прочитаме и да ја најдеме“.



На прашањето дали треба да има дуел меѓу претседателските кандидати, тој смета оти тие треба да имаат свои телевизиски дуели доколку тоа им го дозволува времето и доколку сакаат да имаат како што тој имаше со Мицкоски.
„Гледам дека има цел еден сет на изјави што се даваат за тоа кој со кого требало да има дуел. Претседателот Пендаровски е супериорен во однос на другите кандидати и веројатно затоа нема дуели“, рече тој.

Во однос на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Пендаровски може да има дуел со него ако прво стане претседател на СДСМ, Ковачевски рече оти многу полесно се станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„За да станете претседател на СДСМ, треба да одите на гласање непосредно од сите членови. Во ВМРО-ДПМНЕ можете да станете претседател во сала на фолк-фест ’Валандово’, со 400 делегати, ќе ви ги пишат на список, така да таму многу веројатно многу полесно се станува претседател на партија“, одговори Ковачевски.