Клучната улога на Охрид и Охридско во македонската борба против германските и фашистички окупатори и ослободувањето на 7.11.1944

На денешен ден, на 7 ноември во 1944 година е ослободен градот Охрид. Десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид, кои ги водеа партизанските одреди со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. На овој ист ден, на денот на нејзиниот 20-ти роденден загинала и Јасна Ристеска (7 ноември 1927 во Рамне, Охридско — 7 ноември 1944 во месноста Чекоштина, Охридско), македонската партизанка и  учесник во НОВ. Таа загинала кога партизаните се спуштале од планината Караорман, упатувајќи се кон Охрид, за да го ослободат од окупаторските сили. Нивното движење било забележано од германската војска на ридот Чекоштина при што биле нападнати со минофрлач од калето. Во обид да му помогне на ранет другар Јасна била разнесена од граната.



Телото на Јасна, заедно со телата на тројца други загинати партизани, со дрвени воловски коли биле пренесени во дворот на црквата „Св. Богородица Каменско“. Јасна била препознаена од маќеата Менка. Подоцна била погребена во семејната гробница во селото Рамне. Денес во нејзина чест е именувана охридската детска градинка, како и здружението на рамненци во Сиднеј, Австралија.

Во врска со борбите за ослободувањето на Охрид пред 80 години, но и за борбата на македонскиот народ од овој град и регион против германските и бугарските фашистички окупатори, во статијата со наслов „Охрид и Охридско во НОБ“ на „Википедија“ пишува: Во Охрид на 18 октомври 1944 година влегуваат борците на Првата македонска ударна бригада како ослободители на градот. Сепак Германците го презеле градот за кусо време, и повторно на 7 ноември 1944 година борците на Првата македонска ударна бригада, заедно со борците на Петтата македонска ударна бригада и Петнаесеттата македонска бригада го заземаат градот по дводневни борби. Во слободниот Охрид Главниот штаб на Македонија одржал состанок со дивизиските штабови, каде се донела одлука за целосно ослободување на Македонија.

Охрид и Охридско во НОБ се вклучиле уште во 1941 година. Одиграле клучна улога во борбата против фашизмот, посебно поради тоа што на територијата на Охридско се оформени неколку партизански одреди и бригади. По окупацијата на кралството Југославија, германските завојувачи им го препуштиле владеењето со земјата на своите вазали-сојузници, кои ја поделиле територијата на Македонија. Со поделбата тогашната Охридска околија потпаднала под власта на два окупатора: Бугарија и Италија, со воспоставена линија кај Свети Размо и Свети Стефан. Бугарските окупатори владеат под изговор дека ослободуваат, а италијанските окупатори им ја препуштиле административната власт на албанските вазали.

Во Охрид и Охридско веќе постоел револт кај народот, кој зел замав по економската криза од 1930-те години, и уште повеќе по Априлската војна во 1941 година. Студентите, кои учеле на Загрепскиот и Белградскиот универзитет, се враќале во Охрид со нови идеи и барања за поголеми политички слободи и права. Единствениот организиран пункт во 1941 година бил Месниот комитет на КПЈ во Охрид со три партиски ќелии во градот, како и неколку младински активи.Движењето на отпорот во бугарската зона било силно спречувано, а во италијанската зона во 1942 година отпорот се зацврстува и во 1943 година прераснал во народно востание.

Во текот на НОБ

На теренот на Охридската околија, во февруари 1942 година во село Белчишта е формирана првата партиска ќелија, а потоа се формирани и во села во Дебрца, како и во некои села од Струшка Малесија и Мешеишко-Требенишкото подрачје. Во 1943 година ЦК КПМ и Главниот штаб на Македонија се трудат да разгорат оружена борба. На 1 мај 1943 година во Дебрца се формира првата вооружена група, која влегла во состав на Кичевско-мавровскиот партизански одред. Првата изведена акција била на 23 мај 1943 година: нападот на карабинерската станица во село Сливово. Во октомври 1943 година, на Караорман бил објавен Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ на Македонија. Првата македонско-косовска ударна бригада се формирала на 11 ноември 1943 година во село Сливово. На слободната територија се организирале училишта на мајчин јазик.

По капитулацијата на Италија, на територијата што ја држела Италија во Македонија почнале да го владеат банди под закрила на германските фашисти. На територијата што ја држи Бугарија, се формирале контрачети. Сојузничката воена мисија за првпат доставува воена опрема и облека на партизаните преку импровизираниот аеродром на Славеј Планина. Во Дебрца се формирале работилници за опрема, а во Караорман работела печатница „Гоце Делчев“, каде се печателе брошури и билтени. Германските сили по борбите кај селата Ботун, Песочан, Извор и Пресека, времено ја окупирале Дебрца, и во мај 1944 година ги запалиле селата: Ботун, Црвена Вода, Лактиње, Годивје и Врбјани. На поширокото подрачје на оваа територија во 1944 година се формирале: Првата македонска ударна бригада, Првата косовско-метохиска ударна бригада, Шестата македонска бригада, Четвртата албанска бригада на НОВ и ПОЈ и Охридската бригада.