Нешто оовеќе од 40 тимови или повеќе од 120 инспектори од Државниот пазарен инспекторат, ротирани во различни градови, денеска (25 септември), проверуваат дали се почитува одлуката на Владата за ограничени профитни маржи за основните прехранбени производи. Ова го истакна директорот на ДПИ, Горан Трајковски на прес-конференција, одржана денеска (25 септември).
Тимовите на ДПИ денеска, рече тој, ги контролираат големите, а од утре ќе ги контролираат малите маркети и бурекчилниците. Задутре, пак, ќе се прават проверки кај трговците на големо. Ќе се проверува и дали во изминатиот период намерно биле покачени цените на производите.

Трајковски апелираше да се почитува одлуката, без обиди на заобиколување на каков било начин и потсети дека ДПИ постапува по Законот за трговија каде казните се високи и се движат од 2.000 до 10.000 евра.
- „Вчера бев на терен и видов дека трговците на мало не си ја сфатиле сериозно одлуката и нејзината примена. Затоа, денеска сме на терен и ќе постапуваме по законските прописи и секој што не ја почитува одлуката денеска ќе биде казнет, а доколку има потреба во иднина ќе затвориме и дел од објектите што не ја почитуваат одлуката“, вели тој.

И бурекчилниците се опфатени со мерката, вели првиот човек на ДПИ. Денеска се контролираат големите маркети, а од утре инспекторите ќе тропнат на врата и кај помалите продажни објекти и бурекчилниците.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, истакна дека мерката за ограничување на маржите требала да биде воведена многу порано. Според него, доцнењето овозможило трошоците за храна и пијалаци да пораснат, што дополнително ги оптоварува граѓаните.
Инаку, бруто-профитната маржа ќе биде ограничена до 10% на 73 производи до крајот на октомври. Според очекувањата, продуктите треба да поевтинат од 10 до 15%.





