Клуб сендвичот е класика и може да се најде низ целиот свет во најразлични ресторани, хотели и кафетерии. Еве ја и нашата верзија за која мислиме дека е можеби најдобрата што сте ја пробале во животот. Пробајте ја дома!



Потребни состојки:

-6 кришки бел леб

-1 голем домат

-2 парчиња пилешки гради

-8 парчиња сланина

-Листови зелена салата

-Мајонез

-Помфрит за сервирање

-Сол и бибер

На почетокот ќе ги омекнеме пилешките гради. Тоа ќе го направи полесни за јадење, но и поголеми за да го наполнат целиот сендвич.

Ставете целофан врз пилешкото и удрете го неколку пати додека да биде подеднакво рамно. Ова е добра вежба за ослободување од вишокот напнатост!

Тенко исечкајте го доматот. Потрудете се да земете навистина црвен и сочен домат.

Белиот леб потпечете го во грил тавата. Оставете го неколку минути и потоа превртете го за да добиете убави златни линии на двете страни од лебот.

Кога лебот ќе биде готов, оставете ја тавата на оган и зачинете го пилешкото со сол, бибер и маслиново масло и убаво испечете го од двете страни. Ставете ги парчињата сланина покрај пилешкото и вртете ги за да се испечат рамномерно.

Ставете кришка потпечен леб на чинијата. ставете неколку листа зелена салата, неколку кришки домат и потоа ставете го парчето пилешки гради. Врз пилешкото ставете малку мајонез.

Потоа ставете уште една кришка леб, па листови зелена салата и кришки домат. Наредете ги парчињата сланина одозгора со уште малку мајонез за вкус. Поклопете го сендвичот со уште една кришка леб. Пресечете го и ставете малку помфрит во чинијата.