Клетников: „Оволчените шарпланинци“-владици од МПЦ-ОА и томосот на Вартоломеј со мирис на нов Преспански договор

„Ме јадеше јанѕа кога ја напишав во октомври минатата година колумна под наслов ‘Томос што мириса на нов Преспански договор’. По името и јазикот се урива третиот столб на нашиот идентитет: црквата. Сега Синодот, или МПЦ, формира комисија според урнекот на државната историска комисија, што им го распродава нашиот историски имот на Бугарите под диктат на европската ‘француска рамка’. Таа црковна комисија сега е на релација со Фанар и некои темни светски сили, што повтеле идентитетски да нè дотаманат докрај. Се работи за нова ‘француска рамка’, менгеме, со кое некој странски и домашен чинител им го стегнал и им го замрзнал умот на синодалците во црквата.“ – изнесува Ефтим Клетников во својата колумна со наслов „Француска рамка и во МПЦ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, натаму во колумната Клетников пишува: Нашиот црквен Синод се става во борделот на валканата политика и е заплеткан во „дворските игри“ на Фанар, од каде што очекува томос, иако веќе го има него од Српската црква. Проектот на Фанар кон нас, на кого некои синодални владици му се напикале под опашката, е слично на Преспанскиот договор, бришење на суштинската придавка македонска, македонско, македонски, од сè што е поврзано со македонската црква. Фанар е слуга на грчката нацифашистичка политика кон Македонците за наша целосна идентитетска смрт.

Струмичкиот владика напиша дека тоа е „историски момент кој треба да се препознае и искористи“. Да, ама тој „мудрец“-владика не умее да види дека тој момент е ист како оној од 17 јуни 2018 во Нивици/Преспа во кој Грците одржаа опело над гробницата, во која идентитетски нè закопаа, грабнувајќи ни го како разбојници името, поради слични политички „мудреци“. Таков карактеристичен „мудрец“ е и оној европски владика на Синодот, кој буквално ја беше сфатил политиката на бриселска Европа, па како нејзин експонент се залагаше за промена на името, небаре им е брат-близнак на Заев и Димитров. Па и битолскиот „патриотски“ владика рече дека за него е прифатлива и северномакедонската црква.

А оној владика од Бигорскиот е поголем фанариот и од фанариотите, а и поголем Бугарин од Бугарите. За него нашата мајка црква е Бугарската, а во манастирот ги угостува бугарските политичари. Гостин во него беше и најголемиот бугарски гробар на македонизмот Румен Радев. Ова значи дека има нешто болно, шизофрено во владичкото „братство“ на МПЦ. Самото формирање синодска комисија да се разговара за статусот на името на нашата црква е катастрофа.



Паѓа во вода лукаво шифрираната аналогија на архиепископот за некакви волци (од надвор) и „оволчени шарпланинци“ (однатре), кои се виновни за целата шизофрена ситуација со Фанар. Се разбира ако таквите „оволчени шарпланинци“ не се и некои (а се) владици од Синодот. А архиепископот сам нека се погледне во огледалото што препознава аналогии. Како нашиот Синод не ги препозна волците на Фанар што влегоа во трлото на нашето стадо?