Капитенот и најдобриот играч во историјата на македонскиот ракомет пристигна во Скопје и им се приклучи на колегите кои од минатата недела тренираат, а тоа ја подига атмосферата во целата нација како најава за случувањата во Загреб во јануари. Членот на Нант е еден од последните, заедно со играчите што настапуваат во Бундес лигата, што се пријавува во кампот во кој се чека само уште кормиларот. селекторот Раул Гонзалез кој треба да дојде утре.



„Нема зошто да се плашиме, бидејќи верувам дека можеме да го изненадиме секој ривал. Ние сме искусна репрезентација што има минато многу зад себе, тоа ќе ни биде предност да се обидеме да одиграме добро. Имаме квалитетни репрезентативци, квалитетно раководство, претседател, тренер, така што постојат сите предуслови за наш добар резултат“ рече Кире Лазаров, а мислеше на средбите од првиот круг против Словенија, Црна Гора и Германија.

Ние сме дел од групата Б што разигрува во Загреб, а ни треба минимум една победа за да влеземе во втората фаза од шампионатот кој започнува на 12 јануари. Нашиот прв меч е предвиден за 13 јануари против Словенија.