Кекеновски: Обвинителството итно да отвори истрага за обвинувањата на Груевски дека Заев изнел огромна сума пари од Македонија во Дубаи

Професорот д-р Јове Кекеновски од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола бара од Јавното обвинителство да отвори истрага по допрен глас, откако поранешниот премиер Никола Груевски го обвини Зоран Заев дека изнел со приватен авион во Дубаи повеќе од 600 милиони евра од Македонија, стекнати преку масовен рекет и злоупотреба на власта, како што тврди Груевски преку фејсбук.

Во објавата под наслов „Обвинителство и допрен глас“ на својот фејсбук-профил Кекеновски пишува: „По сериозните обвинувања на бегалецот од Будимпешта на сметка на Заев, кој наводно изнесол огромна сума на пари од Македонија со приватен авион и тие пари ги ставил на банкарска сметка во Дубаи, на потег е Јавното бвинителство, кое мора итно мора да отвори истрага за овие тврдења. Се надевам оти Јавното бвинителство нема да биде ниту глуво, ниту слепо, како многу пати досега, туку дека ќе се зафати сериозно со истрага околу овие тврдења.“

Потсетуваме дека поранешниот премиер Никола Груевски се огласи претходно со тврдење преку општествената мрежа дека „Зоран Заев инвестира во изградба на кула со 82 ката во Дубаи, вредна над 600 милиони евра, со средства стекнати преку масовен рекет и злоупотреба на власта“, особено во периодот на своето владеење како премиер. Според Груевски, „голем дел од парите биле пренесени во готовина со приватен авион и депонирани на банкарска сметка во Дубаи“. Тој исто така тврди дека „Заев подготвува нова инвестиција во друга азиска држава“.

„Тој е веројатно многу горд на себе во овие денови, кога, според информациите, започнува изградба на кула од 82 ката во Дубаи, инвестиција од над 600 милиони евра. Најголем дел од парите за оваа инвестиција се проневерени преку масовниот рекет, како никогаш во постоењето на Македонија, и со злоупотребата на власта за време на неговото владеење.“ – напиша Груевски.

„Охрабрен од помислата дека ги решил сите прашања за негова неказнивост по сите можни основи, тој веќе подготвува нова голема инвестиција во една друга земја во Азија.“ – додаде Никола Груевски.