Касами пак контра Перински и тврди дека „Албанската академија“ „може да се финансира од локални фондови“

„Првиот човек на општина Тетово Билал Касами вели дека министерот за локална самоуправа Златко Перински бил лошо информиран во врска со можноста за финансирање на Албанската академија. Касами вели дека е сигурен оти ќе се надминат сите технички и административни пречки.“ – објави локалниот информативен портал на албански јазик „Тетова сот“



Во веста порталот ја дополнува изјавата, што ја даде Касами во овој контекст: „Лошо го информирале министерот, бидејќи еден од начините на финансирање научни работи е обезбеден од локални фондови, така што нема законска пречка од буџетот на општина Тетово, но и на другите општини да се издвојат пари за финансирање проекти и истражувачко-научни активности.“

Во врска со „Албанската академија“ локалниот информативен портал на македонски јазик „Тетово инфо“ денес објави: Градоначалникот на Тетово и претседател на партијата Беса Билал Касами очекува поддршка во Советот на општина Тетово околу финансирањето на здружението за албанска академија на науки и уметности. Ова беше одговор на новинарско прашање по средбата со министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Во својата вест овој портал ја пренесува другата изјава, што ја даде Билал Касами во овој контекст: „Ние сме презеле обврска дека ќе ја поддржиме Академијата, односно проектот што е важен за науката прво, па потоа за албанската наука. Се друго е процедура, техника, администрација. Кога сме одлучиле да го поддржиме овој проект сигурно дека сме ги имале предвид сите можности за негова реализација. Се надевам дека како што сме имале досега одлична соработка ќе ја имаме така и до крајот на овој мандат на локално ниво. За сите проекти, за кои сме имале договор и соработка, ќе ја имаме и натаму таа соработка.“