Канадскиот премиер Марк Карни распиша предвремени избори за 28 април, откако на драматична прес-конференција изјави дека Канада мора да се брани од се поагресивниот економски притисок од Вашингтон.
Иако редовните избори требаше да се одржат до 20 октомври, Карни се обидува да профитира од извонредното закрепнување на Либералната партија во анкетите од јануари, кога Трамп и се закани на Канада, а поранешниот премиер Џастин Трудо најави оставка.
„Знаевме дека треба да дејствуваме за да им се спротивставиме на Американците, да се справиме со царините на Трамп и да ја поправиме канадската економија“, рече Карни, кој ја презеде функцијата минатата недела.
Карни ја нарече трговската војна со САД „една од најголемите закани за нашиот живот“.
„Тој сака да ја скрши Канада за да може Америка да нè поседува. Нема да му дозволиме да го направи тоа“, рече тој.
Во својот говор за отворање на кампањата, Карни рече дека бара „јасен и позитивен мандат“ од Канаѓаните за да се обезбеди иднината на земјата.
„Имаме уште многу да направиме за да ја обезбедиме Канада“, рече тој, истакнувајќи ги мерките за поддршка на земјоделците и бизнисите за време на трговската војна, како и проширувањето на стоматолошката заштита за милиони граѓани.






