Каратистот Берат Јакупи стана потпретседател на АА на Села: Сака да помогне на спортот преку политиката за „подобра иднина на Албанците“

„Поранешниот европски шампион во карате Берат Јакупи е избран како потпретседател на Алијансата за Албанците. Ова го соопшти самиот тој на фејсбук, велејќи дека сака да му помогне на спортот преку политиката.“објави весникот на албански јазик „Лајм“, не уточнувајќи во раководството на кое крило во Алијансата за Албанците бил избран овој поранешен спортист, а сега партиски функционер. Но, на својот фејсбук-профил Јакупи објави информација од Собранието на Алијансата за Албанците на Зијадин Села, одржано пре два дена, како и список на неговото Претседателство, во кое е наведен како член на тој раководен партиски орган.



Инаку, во објавата дека е избран како потпретседател Берат Јакупи истакнува: „Добив доверба да служам како потпретседател на Алијансата за Албанците. Ова е важен момент за мене и за сиот наш тим. Посветен сум длабоко да работам за доброто на нашиот народ. Им благодарам на сите оние, кои ги искажаа својата доверба и поддршка во овој процес. Ќе продолжиме да работиме, за да ја оствариме нашата визија за подобра и посветла иднина за секој Албанец.“

Како македонски карате-репрезентативец и член на карате клубот „Фати“ од Гостивар Берат Јакупи го освоил златниот медал на Европското првенство во овој спорт во февруари 2014 година во конкуренцијата на јуниори со тежина повеќе од 78 килограми. Во јуни 2018 година Јакупи се закитил со златен медал и на Медитеранските игри во Шпанија, победувајќи како репрезентативец на Македонија на карате-турнирот на овие спортски игри. Последниот и најнов успех Берат Јакупи го постигна на Балканското првенство во карате, одржано лани во септември во Албанија, кога го освои сребрениот медал.