Каракамишева: Секаде во светот академиите за наука се поврзани со државата, а не со етникумите! – Науката не е етничка категорија!

„Секаде во светот Академиите  за наука и уметности се национални установи поврзани со нацијата, со државата, а не со етникумите! Науката не смее да биде етнифицирана, таа не е, ниту некогаш била етничка категорија. Се мери умот на научникот, не етничката припадност!“ – реагира д-р Тања Каракамишева, професорка по уставно право и политички систем во Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во врска со намерата на партиите од албанската коалиција Вреди да формираат така наречена „Албанска академија на науки и уметности“.



Професорката Каракамишева во својата реакција нагласува: Науката и уметностите се универзални категории. Тие немаат етничко, туку вредносно значење! Тие не се мерат и не се споредуваат на светската скала според етничките параметри, дали некој научник или уметник е припадник на една или на друга етничка група, туку според тоа дали сознанијата или уметничките дела имаат научна и вредносна тежина согласно светски утврдените параметри.

Науката и научните сознанија немаат вредност според тоа дали некој научник е Турчин, Ром, Албанец или Германец, дали тој како етнички припадник на етничка група ги утврдил и елаборирал своите научни сознанија. Не, научните сознанија се ценат и вреднуваат според научната тежина на сознанијата на светско ниво. Се мери умот на научникот, не етничката припадност!

Се мери колку научните сознанија се научно поткрепени и издржани! Науката не смее да биде етнифицирана, таа не е, ниту некогаш била етничка категорија. На науката најмалку што и треба  е да биде злоупотребувана во етнички контекст. Тоа е сквернавење.

Секаде во светот Академиите  за наука и уметности се национални установи поврзани со нацијата, со државата, а не со етникумите!

#Македонија и се е можно