Универзитетската професорка Тања Каракамишева преку својот профил на „Фејсбук“ ѝ посака слобода на Македонија во годината што доаѓа, како и слобода и правда за притворените бранители на уставниот поредок.
„Таму каде што правдата е негирана, каде што сиромаштијата на луѓето е доминантна, таму каде што игнорантноста кон правото и правдата е секојдневие, таму каде што некои црпнати луѓе мислат дека имаат неограничено право да ги тероризираат, да ги деградираат и понижуваат другите луѓе, во такви општества и држави нема сигурност, нема владеење на право, а најмалку има слобода и живот за сите!
Македонија во 2018 година мора да се ослободи и да ги стави на правна и политичка одговорност сите оние кои во 2017 година искреираа несигурна атмосфера, кои целосно го поганија правото, кои ја злоупотребија правдата за свои ќеифи, кои ја распродаваат државата и националните интереси како личен пашалак.
Во 2018 година мора да бидат ослободени од обвинение сите политички прогонети браќа и сестри, а процесуирани оние кои ги монтираа овие политички случаи и процеси.
Откако тоа ќе се случи, дури потоа ќе можеме да зборуваме за национално помирување. Помирувањето може да дојде дури откако сторителите на државниот удар ќе ја сфатат, ќе се покајат за сторената грешка и ќе понесат правна и политичка одговорност, а вистинските бранители на уставниот поредок што сега гнијат без никаква правна основа во притвор ќе бидат целосно рехабилитирани и обештетени од државата!
Помирувањето мора да донесе вистинска правда!
Во спротивност, ако нема вистинска правда не може да има ниту целосно национално помирување!
Ако нема одговорност за вистинските пучисти, тогаш Македонија ќе биде единствен пример на држава во светот каде што ‘убијците’ на уставниот поредок се на власт во истиот уставен поредок во кој пукаа, а оние што го бранеле од ‘убиството’ се во зандана!“, порача професорката по уставно право и политички систем на Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.





