Како ќе дејствува ВРЕДИ во Собранието по заминувањето на АA

 

Се уште нема официјална одлука како пратениците од ВРЕДИ ќе делуваат во Собранието, по заминувањето на Алијансата за Албанците.



Шефот на пратеничката група, Халил Снопче, кој доаѓа од редовите на АА на Арбен Таравари, нагласува дека засега нема најави дека коалицијата ќе дејствува одвоено во Собранието.

„Во моментов нема предупредување ниту од наша страна ниту од нашите партнери дека ќе дејствуваме со посебни пратенички групи.
Тоа е затоа што сè уште дејствуваме како заедничка пратеничка група. На крајот на краиштата, овие одлуки, без разлика дали е на едната или на другата партија, имаат врска со претстојните локални избори“, изјави Халил Снопче.

Лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами, вчера исто така истакна дека се’ уште не се разговарало за тоа како ќе функционира пратеничката група, но рече дека секој пратеник ќе биде добредојден во пратеничката група на ВРЕДИ доколку има волја да биде дел од трансформацијата на коалицијата во политичка партија.

Пратеничката група на коалицијата ВРЕДИ во моментов има 14 пратеници.

Пет пратеници се од Алијансата за Албанците, 3 од Демократското движење и Алтернатива, 2 од Движењето БЕСА и 1 независен пратеник – Беким Ќоку.

Според прописите на Собранието, за формирање пратеничка група мора да има најмалку пет пратеници, што значи дека Таравари има можност да формира своја пратеничка група доколку се согласат пратениците Халил Снопче, Ријад Шаќири, Мимоза Муса, Садик Сулејмани и Салим Сулејмани.