Битола и Тетово меѓу себе се оддалечени околу 150 километри. Далеку еден од друг, а толку слични и по убавите, но и по лошите работи. Битола е под Пелистер, Тетово под Шар Планина, и двете меѓу најубавите планини во Македонија. Би требало да се очекува дека жителите на овие два града дишат чист планински воздух, но, за жал, не е така. Напротив, Битола и Тетово спаѓаат меѓу градовите во државава со најзагаден воздух, анализира СДК.мк. Битола е честопати на врвот на црната листа најзагадени градови во државава. Битолчани, посебно во зимските месеци, дишат загаден воздух, на што посебно се чувствителни децата, повозрасните и хронично болните, а негативните ефекти од загадениот воздух врз јавното здравје е потврдено и од евиденцијата што ја спроведува Центарот за јавно здравје во Битола.
Домаќинствата и институциите се најголеми загадувачи, РЕК на трето место
Досега, како главен виновник за аерозагадувањето во Битола се посочуваше Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК), кој се наоѓа на 13 километри од градот и е најголем производител на електрична енергија во државава. Истражувањето што пред две години го направи Центарот за климатски промени, за потребите на научната студија ТРАП, со која се утврдуваат изворите на загадување, за првпат покажа дека Термоелектраната не е најголем загадувач на воздухот во Битола.
Со студијата се издвојуваат пет главни фактори на загадување: согорување на биомасата при греење во домаќинствата има најголемо учество во вкупното загадување со 24 проценти, нафтата и мазутот за греење на административните установи со 18 проценти, индустријата и производството на електрична енергија со 21 процент, прашината од земјоделските и градежните активности учествува со 20 проценти во вкупното загадување, а честичките од сообраќајот со 17 проценти. „Епизодите на високо загадување доаѓаат од изворите за греење на домовите и објектите бидејќи поголемите објекти, училишта, болници и слично, користат нафта и мазут, кои се валкани реагенси. РЕК Битола има високи оџаци, со што во текот на зимата воздухот се меша на пониско ниво од оџаците, загадувањето се расејува и многу мал дел доаѓа до Битола“, вели проф. д-р Дејан Мираковски, Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.

Печките на дрва, освен во домовите, ги има и во училниците и во установите
Секое трето домаќинство во Битола или 12.874 од вкупно 30.154 се затоплуваат со дрва, јаглен и нафта, покажува Базата на податоци на Државниот завод за статистика според пописот од 2021 година. Но, вакви енергенси користат и дел од училиштата, како и административните установи.
- „Општинската зграда, градинките и училиштата се греат на екстра лесно масло за греење. Исклучок се дел од подрачните училишта во некои села, каде што се користат дрва за огрев. Дел од јавните претпријатија се затоплуваат на дрва, дел на електрична енергија, пелети, екстра лесно масло за греење, а некои имаат и фотоволтаици“, наведуваат од Општина Битола.
Аерозагадувањето ги полни амбулантите
Податоците на Центарот за јавно здравје во Битола покажуваат дека во 2021 година имало вкупно 13.687 прегледи на деца од 0 до 6 години, кои имале респираторни заболувања и 9.380 прегледи на деца од 7 до 14 години. Бројот на заболени е највисок во четвртото тримесечје од годината, за време на грејната сезона.
- „Изразени се акутните и хронични респираторни заболувања на целата популација, што се должи на аерозагадувањето. Кај пациентите се јавува воспаление на грлото, на што не дејствуваат антибиотиците, туку антихистаминска терапија, што значи дека станува збор за алергиско заболување, кое доаѓа од загадениот воздух. Исто така, има многу пациенти со заболувања на долниот респираторен систем, како што се хронична белодробна болест и астма“, вели д-р Живко Даскаловски, матичен лекар.
Во услови кога училиштата и градинките, со начинот на загревање се меѓу најголемите загадувачи, но и во услови на недостиг од системски решенија во битката со загадениот воздух, се бараат инстант-мерки што ќе ги намалат штетните влијанија врз најмладите. Од локалната власт во Битола велат дека во 7 од вкупно 12 битолски основни училишта има 19 прочистувачи на воздух, само 2 од 7 средни училишта имаат 8 прочистувачи, а овие апарати, преку донација од 2018 година, се обезбедени во сите занимални во градинките во Битола.

За намалување на аерозагадувањето се чека Топлификација
Сите очекувања за намалување на аерозагадувањето се вперени во воведувањето централен топлински систем од РЕК до Битола. Мрежата веќе се поставува, а треба да биде ставена во функција во 2025 година.
- „Од општинските објекти, 20 ќе бидат приклучени на Топлификација. Со проектот „ЕУ за чист воздух“, Битола ќе добие нови еколошки системи за греење во уште три објекти (училишта и градинки), кои не се опфатени со Топлификација. Училиштето во Долно Оризари веќе има поставено фотоволтаици, а до крајот на годината, се очекува поставување фотоволтаици на уште 6 основни и 3 средни училишта“, велат од Општина Битола.
Затварањето на ХЕК Југохром ја подобри состојбата со аерозагадувањето во Тетово
Тетово, со години, го носеше приматот град со најзагаден воздух, и тоа не само во државава, туку беше на самиот врв и на градови со најзагаден воздух на светско ниво. Мерењата направени во 2014, 2015 и во 2016 година покажуваа дека, наместо да има максимум 35 дена загаден воздух во текот на целата година, како што велат светските прописи, имало 130 денови во кои загадувањето било над дозволеното количество. Тогаш, висината на ПМ10 честичките неретко достигнуваше вредности од 500, па дури и до 800 микрограмови на кубен метар (μg/м3), а во еден момент достигна над 900 μg/м3. Повеќе на СДК.мк.





