Во јавните дискусии на глобално ниво сѐ повеќе се забележува поместување на фокусот кон дигитална трансформација и стратешките дигитализации во државите во светот и сѐ повеќе и неизбежното влијание на вештачката интелигенција.
Но, структурно неунифицираната терминологија често создава конфузија помеѓу дигитализацијата (автоматизација на постојните процеси) со дигиталната трансформација (стратешка промена што ја редефинира целата организација, индустрија или влада преку технологија).
Кога дигиталната трансформација би ја споредиле како потреба во приватниот сектор за целосна промена на деловниот модел преку технологија за да се постигне оптимизација и унапредување на бизнис процесите, за државите кои инаку се прилично порегулирани, би значело дека дигитална трансформација заедно со дигитализација во сите сектори и начини на функционирање, го унапредува истото но бенефитите од промените се за граѓаните, за компаниите и за сите државни ентитети кои сите заедно се дел од функционалната и оперативната структура во државата.
Но, за да можеме да говориме за функционалност, дигитална трансформација и генерално подобрување на услуги, мора да се додаде терминот облак или клауд (Cloud).
Дигиталната трансформација на државата не е можна без стабилна, скалабилна и безбедна ИТ инфраструктура. Клауд (Cloud) технологијата претставува клучен темел за модернизација на јавната администрација, овозможувајќи поагилни, побезбедни и поефикасни дигитални услуги, како и значително унапредување на дигиталната писменост во државата преку лесно достапни дигитални ресурси и едукациски платформи.
Во отсуство на национална cloud стратегија, а притоа и без интеграција на клауд решенија, владите остануваат заглавени во традиционални, скапи и нефлексибилни ИТ системи, кои не можат да одговорат на динамичните потреби на граѓаните, бизнисите и целокупната економија.
Дигитализацијата стана клучен двигател на економскиот и технолошкиот развој на сите држави, претходно суптилно, но веќе агресивно трансформирајќи ги економиите, владите и секојдневниот живот на граѓаните.
Прашањето повеќе не е дали дигитализацијата ќе влијае врз развојот на државите – туку колку брзо и ефикасно тие ќе ја прифатат за да останат релевантни во глобалната економија. Од брзината на прифаќањето зависи и брзината на зајакнувањето на капацитетите на државите и можностите за идни иновативни решенија и проекти, ако постои стабилна технолошка основа.
Меѓутоа, да ја погледнеме дигиталната трансформација како екосистем. Во овој екосистем се граѓаните, компаниите, надворешните фактори, самата држава, капацитетите на државата и законите (регулативата). И повеќе подкатегории од сите нив.
Во следниот текст ќе објасниме колку се добри чекорите што ги прави нашата земја на ова поле, каде е позиционирана Македонија на глобалната мапа која се занимава со нивото на дигитална трансформација, ќе дадеме назнаки каде оди светот на ова поле и во кој правец треба да е движиме како земја.
(Продолжува)
Авторот Томе Томовски е извршен советник и менаџер во Big 4 глобална консултантска компанија. Како технолошки лидер со над 16 години искуство во Европа, Блискиот Исток и Северна Америка, специјализиран е за дигитална трансформација во приватниот и јавниот сектор со фокус на ИКТ стратегии, cloud стратегии, модернизација на ИКТ системи и воспоставување на оперативни планови со краткорочни и долгорочни цели за стратешки технолошки менаџмент.
Томе Томовски е лидер и експерт за развој и имплементација на национални технолошки стратегии, управување со комплексни трансформациски програми и раководење со глобални, мултидисциплинарни тимови со силен акцент на технологијата како двигател на иновации и ефикасност.





