Бекир Кадриески, претседател на струшкото здружение на Бугарите „Шемето“, се пожали за бугарски медиум за паричната казна од „само“ 61.695 денари за Арис Насуфи, Албанец од струшко Велешта, кој физички го нападнал на 13 јуни 2023 година само поради тоа што се чувствувал Бугарин, како што тврди натепаниот од Лабуништа на паркингот пред спортската сала во Струга.
„Пресудата е смешна и огорчен сум од неа. Дури ни за животно не се дава таква казна – и тие се заштитени со закон. Бев нападнат поради тоа што сум Бугарин. Тоа беше единствената причина и судот во Северна Македонија го потврди тоа. Нападнат Бугарин значи нападната цела бугарска нација“, коментира Кадриески за „Бугарија денес“.
„Кога луѓето ќе видат какви пресуди се изрекуваат и како се реагира во Бугарија, и да имаат Бугарите во РСМ некаква загриженост, нема да посочат. Јасно им е што ми се случи, каква е казната и каков е односот на институциите во Бугарија и ќе молчат.
Би ги советувал другите само да си стојат на место, бидејќи нашето општество во РСМ сè уште не е созреано, а во Бугарија не можеме да ги изразиме нашите болки и проблеми. Очигледно, сè уште не е време. Како ќе ги заштитам членовите на нашето здружение кога мојата држава не ме штити? Немаме ниту заштита, ниту финансирање од Бугарија. Сè доаѓа од мојот џеб и од донатори.
Сакаме права и да живееме како луѓе. Но, што ќе кажат другите по мене со оваа смешна пресуда? Кокошка да прегазиш со кола е позаштитена од нас. Кој е виновен за тоа? Ние ли?“, прашува Кадриески, кој бил одбиен за бугарско државјанство?!






