Преку ноќ исчезнаа субвенциите од сметките за струја. Делот во фактурата каде граѓаните гледаа колку проценти изнесува владината помош веќе го нема. Овие пари се префрлаа од буџетот во ЕСМ и со нив државата покриваше дел од трошокот за електрична енергија на домаќинствата. На последните фактури кои ги добија граѓаните нема повеќе увид во тоа колкав е процентот на владината помош, со цел како што тврдеа надлежните да се субвенционираат сметките за домаќинствата. Процентот првично, во екот на енергетската криза беше над 90%, а потоа падна и до 82,4%.

- „Би било некоректно на граѓаните да им се кажува дека има субвенција кога цената на ЕСМ е 57 евра а цените на пазарот има денови кога се и 20 евра, едноставно случувањата на пазарот се такви да во најголем дел во изминатите два три месеца цената е околу 60, 70 евра …. Во овој период нема потреба да се објавуваат бидејќи тука некаде се пазарната и оваа цена…. “, изјави Марко Бислимовски – претседател на РКЕ.
Дали субвенциите се целосно укинати или не прашавме во Владата, но одговор до овој момент не добивме.
Во меѓувреме, се крои новата цена за од 1-ви јули. Сега ќе се носи одлука само за потрошената струја, а не и за мрежарината. Пресметките треба да завршат со крајот на месецов, до кога би требало да се знае и дали има шанса домаќинствата да имаат повеќе од два часа евтина струја преку ден. Две третини од населението во земјава е во енергетска сиромаштија, покажале анализите. Граѓаните се повеќе бараат начини како сами да ја намалат сметката за струја.

- „Примателите на гарантиран минимален приход добиваат субвенција за струја само во зимските месеци, меѓутоа во летните месеци веројатно останува да се ладат во ЈСП автобусите во скопје или во моловите. Тоа се единствените климатизирани места каде што можат бесплатно да се оладат,“ рече Билјана Дуковска, од Платформа за сиромаштија.
Во јануари годинава беше воведена и нова ставка во сметките за струја наречена „пристап до мрежа“. Оваа давачка пред да се воведе беше највено дека ќе ги погоди само оние со по пет стана и викендици, но во пракса, најмногу ги оштети граѓаните кои штедат.
Во Скопје се одржа четвртиот Социо-еколошки на кој се дебатираше токму за енергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европската Унија, а пораката која беше испратена до владите е да се фокусираат на долгорочни, а не краткорочни мерки.





