Кабинетот на претседателката на Косово Вјоса Османи денес повторно реагираше во врска со инцидентот, случен на 1 август годинава на аеродромот во Скопје. „Немаше ништо професионално во однесувањето на обезбедувањето на аеродродромот во Скопје, кое го блокираше движењето на шефот на една држава.“ – се истакнува во реакцијата на кабинетот на Вјоса Османи, која ја пренесе косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“. Но, од друга страна, во своето соопштение Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија нагласи дека безбедносните служби на аеродромот во Скопје постапиле професионално и согласно со меѓународните правила во врска со случајот со претседателката на Косово Вјоса Османи. Според оваа агенцијата, тимот на инспектори не констатирал неправилности. Се истакнува дека ова не ѝ е прв пат на Вјоса Османи да одбива безбедносни проверки на аеродромот.
Во реакцијата на кабинетот на претседателката на Косово Вјоса Османи се тврди: „Во ниедна земја во светот од шефот на државата не се бара да го предаде својот телефон на скенирање. Во другите земји не се проверува ниту личниот багаж, ниту личната торба на шефот на државата, а камоли личниот телефон. Како Кабинет на претседателката на Косово имаме доволно искуство со други патувања, немаме потреба да докажуваме, бидејќи никаде и никогаш ниту личната торба, ниту куферот (личниот багаж) ниту телефонот на шефот на државата не биле подложени на контрола. Од десетиците земји, кои сме ги посетиле досега Р*М е единствената земја во светот, која одбива да го примени обичајното меѓународно право и меѓународните конвенции, поврзани со шефот на државата. Претседателката Османи ја постави својата чанта на контрола и таа го помина скенерот. Секоја поинаква изјава е пропаганда за политички цели. Нема ништо професионално во однесувањето на обезбедувањето, кое оди пред шеф на држава и му го блокира движењето, откако тој ќе ја стави чантата во скенерот. Р*М ги прекрши меѓународните правила, кои се применуваат насекаде во светот, со барањето за скенирање на телефонот на претседателот на друга држава, што би претставувало можност за загрозување на националната безбедност.“ –
Од друга страна, од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија велат дека безбедносните служби на аеродромот во Скопје постапиле професионално и согласно со меѓународните правила во врска со случајот со претседателката на Косово Вјоса Османи.
„Тим од инспектори од Агенцијата за цивилно воздухопловство изврши низа проверки на докази и вонреден надзор во ‘ТАВ Македонија’ во врска со немилиот настан, во кој беше вмешана претседателката на Косово Вјоса Османи. Утврдено е дека аеродромските служби, надлежни за безбедносни контроли, во рамките на своите работни обврски постапувале професионално, не дозволувајќи одбегнување стандарди и процедури, дури ни под влијание на лицата, кои ја придружувале претседателката Османи. Ако постапеле поинаку аеродромските служби, надлежни за безбедносни контроли, ќе се соочеле со сериозни казни. Според доказите, одбивање да се спроведат стандардни безбедносни проверки со истите патници се случило и во 2022 и 2023 година. Тогаш безбедносните проверки биле прифатени дури откако пилотот на авионот одбил да прими патници без безбедносна проверка. Како независно регулаторно тело би сакале да останеме настрана од политички судири за овој немил случај.“ – се наведува во соопштението на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија.





