Институтот за јавно здравје предупредува граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа, откако денеска најголемиот дел од Скопје остана без вода поради сериозен зафат за санирање на главниот цевковод.
Препораката да не се пие веднаш водата, ИЗЈ ја дава затоа што, наведува, „контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час“.
Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, во 12 часот денеска објавија дека санацијата е во завршна фаза.
„Операција се движи во рамки на предвиденото и очекувано е да заврши во предвидениот рок со вкупно време од помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод. Полнењето веќе е започнато и се очекува притисокот да се стабилизира за неколку часа“, велат од Јавното претпријатие.





