Продолжува офанзивната дебата во албанските и косовските медиуми за вклучување на албанската заедница со свои предлози за новото име на земјава.
Уште еден во низата професори и експерти кои овие два дена околу посетата на Нимиц отворено порачуваат што треба да се направи е професорот по меѓународни односи Меди Исени.
Во колумна за „Бота сот“ тој пишува дека „Албанците во ПЈРМ треба прво да издејствуваат промена на уставот, а дури потоа да се решава спорот за името“.
Според него, албанската заедница не треба да излезе на било каков референдум во врска со името, ако претходно не биде нејзиниот државотворен статус внесен во уставот. За него е прифатливо само признавањето на формулацијата „словенски Македонци“.
-Албанците да не ја прифаќаат промената на името на ПЈРМ со договор меѓу Скопје, Атина и Софија, односно референдум за кој зборува премиерот Зоран Заев, бидејќи со Грција и Бугарија не треба ништо да се направи или пак во ОН, ова е прашање само на договор меѓу Албанците и словенските Македонци. Овие две страни треба да одлучуваат за името на Република Македонија, затоа што тоа е конститутивен елемент, иако овој статус според Уставот Албанците не го уживаат во Македонија. Сепак, фактот дека над 50% Албанци живеат во ПЈРМ, не може да се игнорира ниту од постојниот Устав, ниту од словенската влада, ниту од меѓународната заедница, пишува Исени.
Тој додава дека историски територијата на земјава и припаѓа на Албанија, а не на Грција и Бугарија, исто како што, според Исени, дел од територијата на Црна Гора е албанска.





