„Инфошќип“: ВМРО ДПМНЕ и „Вреди“ се многу блиску до формирање на новата Влада, има начелен договор! – Сè ќе се официјализира по 8.5!

„ВМРО ДПМНЕ и ‘Вреди’ се многу блиску до формирање на новата Влада! Последните информации, кои кружат меѓу двата субјекта, укажуваат дека сега веќе постои начелен договор за формирање на идната Влада и оти се ќе се официјализира по завршувањето на парламентарните избори на 8 мај!“ – тврди информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“. Инаку, од раководството на ВМРО ДПМНЕ засега нема никакви навестувања во оваа насока, кои би претставувале потврда за пишувањето на порталот.



„Инфошќип“ натаму пишува: Веднаш по завршувањето на првиот круг од претседателските избори лидерот на ВМРО-ДПМН, Христијан Мицкоски изјави дека му телефонирал на Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција ‘Вреди’, за да му честита, поради резултатите од изборите, како и заради формирање на новата Влада. Претседателскиот кандидат на „Вреди“ Таравари му одговори на Христијан Мицкоски и на неговата покана за формирање на Владата со зборовите дека „му е драго што Мицкоски сфатил каде се наоѓа тежината на албанскиот глас“.

Таравари во ниту еден момент не ја отфрли поканата на Мицкоски за формирање на идната Влада, дури тој рече дека нивната цел во оваа влада ќе биде борба против корупцијата и промовирање на европските вредности.