„Инфошќип“: Алудирајќи дека Македонците се Бугари, Ахмети кажа „велат со јазик на змија оти РМ е само нивна, но и Албанците ѝ се господари“!

„Алудирајќи на бугарското потекло на Македонците, лидерот на ДУИ Али Ахмети на средбата во Чашка запраша: Ако некој отиде во Бугарија, а некој во Албанија, тогаш на кого ќе му остане оваа земја?! Ахмети изјави дека на Македонците не треба да им пречат албанскиот јазик и напредокот на Албанците, бидејќи Албанците не се дојденци во оваа земја! Лидерот на ДУИ кажа и дека Македонците зборуваат со јазикот на змијата оти оваа држава им припаѓа само ним! Но, Ахмети посочи дека Албанците се господар на оваа држава, а не се повеќе кираџии во неа!“ – ова го објави информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“, пренесувајќи ја информацијата на ТВ Алсат. Ова се скандалозни провокации и недозволиви и неприфатливи етнички навреди од најтежок вид на лидерот на ДУИ Али Ахмети: да го означи целиот македонски народ како „Бугари и змии“, изнесувајќи и тврдење дека „Албанците се „господари на оваа држава“!



Порталот ја цитира изјавата, која ја даде лидерот на ДУИ Ахмети во овој контекст на средбата во Чашка: „Многу сум разочаран кога слушам расправи меѓу интелектуалци, аналитичари и публицисти, наши македонски сограѓани. Нив многу ги мачи фактот што Албанците го сменија својот политички статус во оваа земја и веќе не се кираџии во својата куќа, туку станаа господар во својата куќа. Ним пречи зошто Албанците имаат и зборуваат на свој албански јазик, зошто има Албанци- администратори, зошто имаат полицајци, војници, зошто имаат Албанците застапеност во сите институции. Ги гледам кога зборуваат со јазикот на змијата за оваа држава како да им припаѓа таа само ним, на Македонците. Велат: ‘Зошто Албанците зборуваат овде албански, зошто не зборуваат Алжирците арапски во Франција, зошто не зборуваат турски Турците во Германија, а ги има таму 6 милиони. Оние кои сакаат да зборуваат албански нека одат во Албанија.“ Но, ако почнеме така овде, тогаш ајде нека оди некој во Бугарија, а некој во Албанија, па тогаш се прашувам кому ќе му ја оставиме оваа земја?“.