Инфлацијата во Еврозоната се намалува сѐ повеќе. Тоа го отвора патот за пресврт во делот на каматните стапки. Потрошувачките цени во март се зголемиле за само 2,4 отсто во однос на истиот месец лани, објави денеска Евростат. Во февруари инфлацијата беше 2,6 отсто, а во јануари 2,8 отсто. Разликите меѓу одделните земји се значителни: додека инфлацијата во Финска во март изнесувала само 0,6 отсто, Хрватска имала стапка од 4,9 отсто. Во Австрија стапката на инфлација била 4,1 отсто. Во Германија, најголемата економија во Еврозоната, потрошувачките цени се зголемиле за 2,3 отсто.
Замрзнувањето на цените мора да биде на сила подолго време. Не смее паралелно да се зголемуваат ни ДДВ-то, ни цените на струјата или парното, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Падот на стапката на инфлација е веќе трет по ред. Пред една година инфлацијата беше 6,9 отсто, а во есента 2022 година достигна највисоко ниво од повеќе од десет отсто. Главната причина за високите стапки на инфлација беше војната на Русија против Украина и зголемувањата на цените на енергијата и суровините што следуваа потоа.
Прво намалување на каматите во јуни? Целта на Европската централна банка за стапка на инфлација од два отсто, која таа ја смета за идеална за економијата, сега е на дофат. На последниот состанок за каматните стапки минатата недела, ЕЦБ не ги промени каматните стапки, но, сепак, ширум ја отвори вратата за можно прво намалување на каматните стапки во блиска иднина.

На 16.04.2024, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, за телевизијата Си-Ен-Би-Си изјави дека процесот на намалување на инфлацијата се одвива како што се очекуваше. Доколку не се случи дополнителен шок, во разумен краток рок ќе треба да се олабави рестриктивната монетарна политика, оцени Лагард. Според голем број надзорни монетарни власти, јуни е можен датум за почеток на пресвртот во делот на каматните стапки. Следниот состанок на ЕЦБ е закажан за 6-ти јуни во Франкфурт.





