Косовскиот премиер Рамуш Харадинај е тргнат од листата на Интерпол на лица што се бараат врз основа на меѓународна потерница издадена од Србија.
Ова го изјави министерот за правда на Косово, Абелар Тахири, во изјавата за Ројтерс.
Тој вчера бил информиран дека Интерпол ги отстранил имињата на 18 лица од Косово кои се бараат од Србија.
„По таа одлука, сите овие лица се слободни да патуваат надвор од Косово без какви било проблеми“, изјави Тахири за Ројтерс.
На почетокот на оваа година, Харадинај беше уапсен во Франција по налог издаден од Србија, но беше ослободен откако францускиот суд го одби барањето на Белград за екстрадиција.
Харадинај се бара од Србија поради извршени воени злосторства како поранешен командант на таканаречената ОВК, пренесува Б92.





