„Интернет-петиција до уставниот суд“, со која се бара „да суди одговорно за законот за јазици“, а не по „желби на екстремни националистички групи.“

Преку интернет во тек е потпишување некаква „Граѓанска иницијатива и  интернет- петиција до Уставниот суд“, објавена на албански и македонски јазик, во врска со претстојното разгледување на иницијативите за проценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците. Информација за ова објави информативниот портал на албански јазик „Опен-ТВ.мк“. На интернет-врската, на која е поставена иницијативата, е означено на англиски јазик дека „стартер на иницијативата“ е новинарот Сефер Селими, кој е и основач на невладината организација „Демократска лабораторија“. Така што што не е најасно кој е покренувач на споменатата „граѓанска иницијатива и интернет-петиција“, ниту колку лица ја  потпишале до овој момент.



Составувачите, или покренувачите на таа „граѓанска иницијатива и интернет-петиција до Уставниот суд“ во неа, покрај другото, изнесуваат: „Уставните судии треба да судат со ладна глава, без чувства и да се водат од тежината на одговорноста, што ја имаат за иднината на оваа земја. Бараме Уставниот суд да се води од рационалното разбирање и толкување на Охридскиот договор како суштински дел од Уставот кој ги регулира меѓуетничките односи, го зачувува мирот и обезбедува просперитет на државата, а не од изјави, ветувања и желби на поединци, функционери, политички субјекти или екстремни националистички групи.“

Натаму, во иницијативата и петицијата се наведува: „Истакнуваме дека во овие исклучително деликатни и чувствителни моменти Уставниот суд има обврска и одговорност да биде предводник во заштитата на кохезијата меѓу граѓаните и да не стане алатка за партиски дневнополитички цели. Уставниот суд треба да го ангажира целиот свој капацитет, за да стане штит на соживотот и еднаквоста, судејќи со мудрост и одговорност за стабилноста и напредокот на Републиката.“ – истакнуваат, исто така, составувачите и покренувачите на споменатата „граѓанска иницијатива и интернет-петиција“, упатена до Уставниот суд на Македонија спроти претстојното разгледување на некои одредби на законот за јазици.