Цените растат, институциите се расправаат кој бил крив, а државните инспекторати меѓусебно се обвинуваат каде бил пропустот. Од Пазарниот инспекторат и од Трудовиот инспекторат велат дека не можат ништо да направат за да влијата врз цените, а Комисијата за заштита на конкуренцијата останува херметички затворена. По неколкуте одбивања за изјава, само писмено ни одговорија дека не постапуваат по гласини од јавноста, туку обработуваат само писмени поднесоци, од кои еден е 6 месеци без епилог.

- „Комисијата има овластување да прибира податоци од приватни субјекти што е еден вид упад на терен. Но, за да се докаже договарање на цените, неопходно е Комисијата да има цврсти докази за тоа кој, кога и за кои производи договарал цени. Комисијата до сега нема конкретни индиции за постоење на забранети договори меѓу одредени синџири супермаркети за одредени производи“ велат од Комисијата за заштита на конкуренцијат.
Од комисијата велат дека цените сами се регулираат врз основа на понудата и побарувачката и го чекаат новиот закон за спречување на нефер трговски практики за да им се зголемат овластувањата за дејствување.

Единствен закон кој би можел некако да влије откако престанаа гарантираните цени е Законот за заштита на конкуренцијата. Тој предвидува фирми да може да бидат казнети ако учествуваат во забранети практики. Инаку, според законите за конкуренција, ниту еден од субјектите не смее да доминира со над 40% на домашниот пазар.
Предлог-законот го помина второто читање во Комисијата за европски прашања, но сè уште не се знае кога ќе биде ставен на гласање на пленарна седница. Но, дури и да биде донесен, потоа на Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе ѝ бидат дадени дополнителни 6 месеци за да се усогласат разни одредби и овластувања.





