Инспекцијата ги чешла маркетите – се проверува дали трговците почнале да ги намалуваат цените

По есенската, доаѓа и новогодишната кошничка. Над 800 производи во 36 маркети ќе бидат со пониски цени како дел од новогодишната кошница. Во пресрет на ваквата иницијатива пазарни инспектори ги следат тековните цени на производите вклучени во списокот на кампањата, покрај најниските цени на истите овие производи забележани во изминатите 30 дена.



Во договор помеѓу Владата и компаниите се донесе одлука за намалување на цените за новогодишната потрошувачка кошничка, а со тоа се подобрува стандардот на граѓаните.

Имено, во период од 15 декември 2024 година до 15 јануари 2025 година граѓаните имаат можност да купат 675 различни производи по ниски цени.

На рафтовите производите кои се со намалени цени ќе бидат означени, а дополнително преку веб страната „mojakosnica.mk граѓаните ќе може да се информираат за производите кои се опфатени од оваа листа.

Некои прехранбени производи се намалени за 10 и повеќе проценти, а во оваа листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.

Воедно, листата во следниот период има можност да се проширува и со други производи по ниски цени.

Од ДПИ велат дека во периодот додека трае новогодишната кошничка ќе има засилени контроли, но нема да има казнување, туку препораки. Од инспекторатот велат дека доколку граѓаните забележат неправилности, може да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191 или на веб-страницата www.dpi.gov.mk.