Иницијатива да се преименува Текстилното училиште “Ѓоце Стојчевски“ во Тетово – ВМРО ДПМНЕ: Нема да дозволиме

„Управата на Средното текстилно училиште во Тетово соопшти дека покренала иницијатива за промена на името и логото на училиштето. Директорот на ова училиште Музафер Ливорека изјави дека Советот на наставници одлучил училиштето да го добие името ‘Кард Гега’, иако имало многу други предлози. Кард Гега е познат албански технолог.“ – објавија телевизијата Клан Македонија и други медиуми на албански јазик во Македонија. Александар Велјановски, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ и и пратеник во Собранието на Република Македонија од шестата, тетовско-гостиварска изборна единица, во изјавата за „Експрес“ нагласува: Ако има таква иницијатива, таа е несериозна. Тоа е предизборен маркетинг. Законски без гласовите на советниците-Македонци во Советот на општина Тетово не може да се случи промена на име на ниту едно училиште во градот. Ние нема да дозволиме никакво политичко насилство и дискриминација врз вековната историја на македонскиот народ.“



TV Клан Македонија пишува: „На листата имавме шест имиња, предложени од Советот на наставници, меѓу кои и имињата Арбен Џафери, Енис Колиќи и Кард Гега. Колегите гласаа и името на Кард Гега доби 40 гласови.“ – посочи Музафер Ливорека, директорот на Средното текстилно училиште ‘Ѓоце Стојчевски’. Тој додаде дека по оваа одлука на Советот на наставници предлогот ќе биде доставен во општина Тетово. За промената на името ќе одлучи Советот на општината.“

Инаку , претрагата на гугл на интернет не покажува дека постои каков било „Кард Гега“, ниту дека е тој „албански технолог“. На интернет-страницата на Википедија на албански јазик се наведува Карл Гега (1802-1860) австриски благородник со албанско етничко потекло, како архитект, инженер за патишта, хидраулички инженеринг и локомотиви, но и градител на пруги. Дали предлогот за менувањето на името поправо се однесува на овој архитект и инженер? Но, каква врска има стручњак за хидраулички инженеринг и пруги од пред 200 години со денешна текстилна струка, па нека е и Албанец, ама со „австриска состојка“? Зошто упорно се наведува Кард Гега, а не Карл Гега, па и како технолог, што е далеку од вистината?

Има дилеми и од суштински карактер. Каква е воопшто потребата за преименување на ова училиште токму сега во овој период пред парламентарните и претседателските избори? Чија е споменатата иницијатива навистина? Нејаснотијата е дотолку поголема, што вчера, на 7 март 2024 година, лично градоначалникот на Тетово и лидер на Беса Касам Билали заедно токму со директорот на Средното текстилно училиште Музафер Ливорека, како што напиша Билали на својот фејсбук-профил, „го отворија официјалното лого на Средното текстилно училиште“, а на кое си стојат непроменетото име „Ѓоце Стојчевски“ на македонски и албански јазик напишано, како и истото лого на училиштето. Директорот Ливорека вчера открива табла со ова исто име, а денес во медиуми на албански јазик говори за „иницијатива да се промени тоа име на училиштето“…

Извори во советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Тетово неофицијално за „Експрес“ посочуваат токму на вчерашното откривање на таблата во Средното училиште со името „Ѓоце Стојчевски“ и велат: „Ние, како советничка група, не сме консултирани за ваквите активности. Веруваме дека е ова политички маркетинг, бидејќи вчера се постави таблата со истото лого и со името на народниот херој Ѓоце Стојчевски. Ние, како советничка група, нема да прифатиме таква промена на името на Ѓоце Стојчевски, бидејќи е тоа свето име за нас, оти е тоа име на наш народен херој.“

Александар Велјановски, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Тетово и пратеник во Собранието на Република Македонија од шестата, тетовско-гостиварска изборна единица, во изјавата за „Експрес“, нагласува: „Немаме официјална потврда за било каква покрената иницијатива внатре во училиштето за промена на името на Средното текстилно училиште, кое го носи името на народниот херој ‘Ѓоце Стојчевски’. Ако има таква иницијатива, таа е несериозна. Тоа е предизборен маркетинг и наметнување тема, за да се избегнат реалните проблеми, кои ги мачат тетовчани. Ние нема да дозволиме никакво политичко насилство и дискриминација врз вековната историја на македонскиот народ.

Во својата изјава Велјановски дополнува: „Законски без гласовите на советниците-Македонци во Советот на општина Тетово не може да се случи промена на име на ниту едно училиште во градот. Токму затоа е предвиден ‘бадинтеровиот принцип’ на рамниште на локалните самоуправи: за да се спречи дискриминација од страна на побројните етнички заедници врз помалубројните, во случајот во Тетово мајоризација од страна на албанската етничка заедница врз македонскиот народ. Ако има такво барање до Советот на општината, тогаш советниците на ВМРО ДПМНЕ ќе гласаат против него. Верувам дека и советниците на СДС ќе бидат против преименувањето на училиштето, оти ќе гласаат против менувањето на името на народниот херој Ѓоце Стојчевски.“