Инфлуенсерката Ина Многуфина објави бесплатна ПР стратегија за сите кандидати за градоначалници пред изборите.
Во ироничниот пост Ина Многуфина во свој стил ги допира најгорливите точки на однесувањето на голем дел од кандидатите за градоначалници.
Целиот пост во продолжение:
Сега кандидатите за градоначалници се под голем стрес и притисок од ПР агенции кој да им работи кампања. Меѓутоа не мора да имате агенција, можете и сами, еве ќе ви дадам неколку совети и лесно ќе ви оди.
• Прво многу е битно да имате звучен и искрен слоган, слоган кој ќе влева доверба. Мој предлог е “Понашајте се ко да ве почитувам”. (ако сакате да го купите ќе се договориме)
• Мора да имате средби со жителите и тука мора да сте многу шармантни. Секоја реченица нека ви почнува со “Ќе”.
• Во секој говор имајте ги клучните зборови “зеленило”, “градинки”, “урбана опрема”, “мораториум”, “чист воздух”, “вело патеки”. Тој што ќе трча за Град Скопје нека збори за трамвај.
• Кога ќе ви се обраќаат постарите од населбата обавезно гушкајте ги пред камера дека сте луѓе полни разбирање, но сликајте се и со деца дека вие сте пред се харизматични и децата ве сакаат. Сликајте се и со кучиња бидејќи кучињата препознаваат добри луѓе. Ако ниедно куче нејќе да се слика со вас, фотошоп.
• Во план нека ви е забрана за пушење и за рекламен материјал делете упаљачи.
• Станете бфф со тричетири инвеститори.
• Не бидете досадни. Откако ќе победите едно време нека ве снема од јавноста. Отприлика три и пол години и после почнете ја кампањата за следниот мандат со планови кои ќе брчат во следните 4 бидејќи во претходните не се постигнуваше.
Со оваа стратегија шанса нема да не победите. Ептен ако е тенко можете да одите на кризен ПР што значи да ги вадите дилерите и швалерките на конкурентот. Ако конкурентот е жена идете со тоа дека е неспособна и ружна и најверојатно нешто не е нормална ама мали се шансите да е жена еве глеам нема ниедна кандидатка.
*оваа стратегија е бесплатна освен слоганот, слоганот е сто миљарди. Нето.






