Имери: Имаме заеднички проблеми, но воопшто не се трудиме да градиме заедничка иднина, туку живееме во паралелни светови!

„Продолжуваме да градиме паралелни светови, паралелни прослави, негирање едни на други. Ќе создадеме и етнички академии и што уште не. Имаме исти заеднички проблеми, но не нудиме заеднички решенија. Ние воопшто не се трудиме да градиме заедничка иднина!“ – нагласува м-р Љуан Имери од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, кој е и мировен активист и борец за човекови права, во својата колумна. Таа колумна со наслов „Прославата на Охридскиот рамковен договор – прослава на два паралелни света“, ја објави весникот „Слободен печат“.



Покрај другото, натаму Имери пишува. На некои од прославите на Охридскиот рамковен договор во минатото беа потрошени и до половина милион евра од буџетот (за 300 гости на 20-годишнината), додека на последната прослава беа потрошени многу помалку средства, што изгледаше дури и смешно. Не можам да проценам доволно дали средствата, што се издвојуваа за оваа прослава низ годините, покажуваат и степен на почитување кон овој договор, или ова секогаш беше добра можност за добивање тендери на милениците на власта.

За едни Договорот е решение за многу проблеми во државата, а за други Договорот е проблем за сите досегашни и идни решенија. Тие што го сметаат за добра основа и тие што мислат дека е основа за сѐ лошо што (ќе)ни се случи. Некои се збогатија на сметка на Договорот и направија „кариера“ од него. Едни станаа познати со неговото присвојување, а други  станаа познати со неговото негирање.

Пропуштивме и овој пат да го одбележиме Охридскиот договор на начин, кој ќе обединува, наместо да разединува. Тоа пропуштивме да го направиме и со државата. Наместо да градиме мостови, да се развиеме во духот на сеопфатноста и вклученоста, како и мултикултурноста, ние сè повеќе се делиме. Можеби тежнееме кон граѓанска држава, но далеку сме од тоа.

Секојдневно покажуваме колку не се познаваме и колку сè повеќе сме приврзани кон својот етникум. Комуникацијата и довербата се на најниско рамниште.  Имаме многу предрасуди едни за други. Во секоја пригода настојуваме да го понижиме другиот колку е можно повеќе.

Нема гаранции дека ниту Уставот, ниту политиките за унапредување на правата на етничките заедници ќе создадат соживот, ако не се трудиме да градиме заедничка иднина. А не се трудиме воопшто!