Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров е можно, сепак, да ги одигра двата преостанати натпревара на Европското првенство во Хрватска, откако денешните дополнителни прегледи во Загреб на бутниот мускул на десната нога покажале дека повредата на ногата не е безнадежна и можеби може да се санира!



За таа цел, лекарскиот тим на македонската репрезентација во соработка со медицински експерти од регионот ќе работат со полна пареа за да го оспособат капитенот за натпреварот со Чешка утревечер од 20:30 часот и за средбата со Данска задутре од 18,15 ч.

Лазаров се повреди во 10. минута од дуелот со Шпанија, по што повеќе не влезе во игра, а Македонија загуби со 31:20 и од првото место на стартот од групата од вториот круг во Вараждин падна на четвртото со три бода.

Шанси за историско полуфинале сè уште има, за што се потребни три до четири бода од двете преостанати средби во групата, чиј лидер е Данска со шест бода, а веднаш зад неа се Шпанија и Германија со по четири. Данците и Германците имаат и натпревар повеќе.