Повеќе од 280.000 канадски граѓани и жители потпишаа петиција со која бараат Канада да му го одземе канадското државјанство на Илон Маск, јави Бизнис стандард.
Поврзаноста на Маск со американскиот претседател Доналд Трамп, кој планира да воведе царина од 25 отсто на сите канадски увозни производи следниот месец и зборуваше за Канада како 51-ва американска држава, е „против националниот интерес на Канада“, велат подносителите на петицијата.
Милијардерот, државјанин на Јужна Африка, Канада и САД, стана еден од најистакнатите сојузници на американскиот претседател откако како 47-ми претседател Трамп на 20 јануари го започна својот втор мандат.
„Тој го искористи своето богатство и моќ за да влијае на нашите избори. Сега тој стана член на странска влада која се обидува да го избрише канадскиот суверенитет“, велат подносителите на петицијата.
Како одговор на веста за петицијата, Маск на својата социјална мрежа Х напиша дека „Канада не е вистинска земја“. Правен експерт објасни за Си-Ен-Ен дека канадската влада не може да му го одземе легално стекнатото државјанство на Маск, но авторот на петицијата вели дека петицијата треба да се сфати како „повик за одговорност“.
Маск, кој е роден во Јужна Африка, претходно изјави дека добил канадски пасош како тинејџер преку неговата мајка Маја Маск, која е родена во Канада.
Милијардерот подоцна доби американско државјанство една деценија по пристигнувањето во САД со студентска виза.






