Бобан Илиоски ја направи Македонија повторно горда, одбранувајќи ја европската титула во кикбокс од Анталија 2022, па во негова чест во Атина се слушна и македонската државна химна додека 28-годишниот Македонец со златниот медал околу вратот стоеше на највисокото скалило од победничкиот пиедестал.
Откако вчера го нокаутира Гркот Христос Филис пред крајот на првата рунда во дисциплината лоу кик, Илиоски денеска му зеде мерка и на Ерик Нивегловски од Полска, совладувајќи го со 2:1 во финалето во категоријата до 86 килограми.
„Полјакот беше физичи многу силен борец, но му ги најдовме слабите страни. Боби го скенираше од претходните негови борби и примени тактика со која многу не се заморуваше, а му направи голема предност и го победи“, изјави селекторот Дејан Митровски-Урко.
„Боби станува сè поискусен борец, проценувајќи ги противниците за кого колку му е потребно да се напрегне за да ги совлада. Се напрега чувствувајќи ја силата, а во исто време и се чува од повреди. По вторпат е европски првак“, додаде тој.
Покрај златото на Илиоски, Македонија на Европското првенство во Грција освои и бронза, за која се избори Стефан Михајловски во кик лајт во категоријата над 94 кг.
„Крунисувањето“ на Илиоски во Атина на линкот: https://www.facebook.com/100003492418205/videos/444714505325501/






