Војската на Израел соопшти дека пронашла тела на шест заложници во операција во текот на ноќта во Газа.
Во соопштението на израелските одбранбени сили (IDF) се наведува дека телата на Јагаев Бухстаб, Александар Дансинг, Аврахам Мундер, Јорам Мецгер, Надев Поплвел и Хаим Пери биле пронајдени вчера во областа Кан Јунис.
Војската претходно веќе објави дека сите освен Мундер починале во изминатите месеци, јавува Си-Ен-Ен.
Според пишувањата на медиумите, петмината мажи биле на возраст меѓу 35 и 80 години.
Според израелските податоци, палестинската милитантна организација Хамас сè уште држи 109 заложници, од кои многумина веројатно веќе не се живи.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен моментално се обидува да постигне договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците.
Израел го прифати предлогот поддржан од САД за премостување на разликите меѓу Израел и Хамас, изјави Блинкен во понеделникот.
Хамас, сепак, се уште не се согласил на ова.
Хамас и другите палестински милитанти киднапираа вкупно 253 лица од Израел и ги одведоа во Газа на 7 октомври.
Некои од нив беа ослободени во размена на затвореници, а неколку заложници беа спасени од израелската армија – иако по висока цена за палестинското цивилно население за време на овие воени операции, за кои Израел се соочи со меѓународна критика.






