Изборниот материјал во Албанија ќе се преведе на македонски! – Сѐ ќе стори за изборните прашања од интерес за македонското и другите малцинства!

„Изборниот материјал за парламентарните избори во Албанија, што ќе се одржат на пролет во 2025 година, ќе биде и на македонски јазик, како и на јазиците на другите национални малцинства, признати со законот донесен во 2017 година.“ –изјави  претседателот на Централната изборна комисија на Албанија Илиријан Целибаши на средба со претставниците на националните малцинства, поточно со членовите на Комитетот за малцинства, каде што претставник на македонското малцинство е Марјана Костофски.“. Неговата изјава ја пренесе весникот на македонски јазик „Илинден“ на Македонското друштво „Илинден“- Тирана.



На фејсбук Целибаши напиша: Во средиштето на вниманието на средбата беше досега сработеното во однос на информирањето на националните малцинства на нивниот јазик за изборниот процес, како и тоа што треба натаму да се направи, заради подобрување на информираноста на националните малцинства и нивната едукација за претстојните избори. Го истакнав правото на секој да добива информации за изборите и преку сите средства за информирање. Централната изборна комисија на Албанија е целосно подготвена да го направи она, што е најдобро за прашањата, за кои има интерес секое национално малцинство. На оваа средба со националните малцинства истакнав дека изборните материјали ќе бидат преведени на мајчиниот јазик на секое од деветте национални малцинства, кои се законски признати во Албанија.“

Парламентарните избори во Албанија, 11-ти по ред, по падот на тоталитарниот режим, ќе се одржат на пролет. Датумот треба да го одреди шефот на државата Бајрам Бегај, кој веќе ги почна средбите за тоа со политичките партии. Според изборниот законик, парламентарните избори во Албанија  треба да се одржат во датум од последната седмица  на април, или првата седмица од мај 2025 година.