Се уште не е познато дали ќе има јавни дебати помеѓу кандидатите за претседател на СДСМ. Еден од нив, Јован Деспотовски, веќе повика на вакво соочување.
– Ги повикувам сите кандидати за претседател на СДСМ да ми се придружат на јавна дебата на која ќе ги презентираме нашите идеи и конкретни реформи. Овој повик доаѓа како одговор на бројните барања од луѓето од цела Македонија со кои се среќавам – изјави Деспотовски, кој прв ја обзнани својата кандидатура.
На ова возврати Славјанка Петровска, поранешната министерка за одбрана, која исто така се гледа себеси на позицијата лидер на СДСМ.
– Претседател на СДСМ е премногу сериозна и премногу одговорна позиција за да се сведе на секојдневно лиферување соопштенија и скапо платена пр агенција. Ги повикувам кандидатите и членовите на СДСМ во име на социјалдемократијата да ја заштитиме партијата и изборот за претседател на СДСМ да не го претвориме во реалити шоу – изјави таа.
Јавно соочување во медиумите одбиваат и кандидатите Венко Филипче и Александар Бајдевски.
– Во рамки на кампањата, централната изборна комисија во СДСМ има предвидено осум дебати во осумте плански региони, каде сите кандидати ќе имаат презентација на програмите пред членовите. Според сегашниот план, првата е закажана веќе в петок. Надвор од овие дебати, не сметам дека се потребни други медиумски дебати – вели Венко Филипче.
И Бајдевски останува на она што било договорено на состанок одржан со кандидатите и со Централната изборна комисија.
– Се договори став дека нема потреба од јавна дебата во медиумите, туку дека нашите дебати ке бидат пред членството, организирани од СДСМ, по плански региони – вели тој.
Новиот претседател на СДСМ ќе се избере на 30 јуни, на општи избори на кои ќе гласаат сите членови на партијата.





