Идната министерка за енергетика во обид да овозможи енергетска независност на државата

Сања Божиновска / фото: Фактор

Амбициозни планови и стратегии, но и исто толку предизвици. Идната министерка за енергетика Сања Божиновска ќе се обиде да го постигне она во што ниедна претходна влада не успеа- енергетска независност на државата. Во ексклузивно интервју за Локално, таа открива дека главен фокус во наредните четири години ќе биде ставен врз инвестициите, а не како што вели, врз потрошувачката како што е сега.



„Министерството како прво ќе треба да види до каде се и зошто има многу проекти кои се во застој. На пример, гасоводот од Клечовце до Штип е изграден, а не е во функција. До каде е гасоводниот прстен, зошто има застој во гасоводната интерконекција со Грција, исто така и со електроенергетското поврзување со Албанија“, вели Божиновска.

Истовремено ќе се стават под лупа сите сомнителни договори во овој сектор.

„Мора да се види работењето на ЕСМ, сите тендери кои се договарани во четири очи, што сè е набавено и целокупното работење на енергетските капацитети. Секако тука се и сите останати тендери во МЕПСО, недозволеното повлекување на електрична енергија од УЦТЕ и фактурите кои достигнуваат 20 милиони евра“, категорична е Божиновска.

Капацитетите на новото министерство ќе бидат насочени и кон надминување на негативните финансиски резултати на АД ЕСМ и АД МЕПСО кои се според неа последица на превработеноста и коруптивните зделки.

„Поради очигледната превработеност во двете државни компании, неопходно ќе биде намалување на бројот на вработените, што во старт не мора да значи отпуштање, туку преземање или прераспределување на дел од вработените во други институции“, заклучува Божиновска.