Ивановски 20. на маратонот во Севилја со нов национален рекорд на Македонија

Три недели по второто место на полумаратонот во Мајами, македонскиот атлетичар Дарио Ивановски постави нов национален рекорд на Македонија во маратон, освојувајќи го 20. место во Севилја во најсилната трка во историјата на маратонот во шпанскиот град.



Ивановски ја истрча патеката за 2:08,26 часа, резултат подобар за речиси 3,5 минути од досегашниот негов и македонски рекорд 2:11,53 ч. поставен во Валенсија на 3 декември 2023 година.

„Резултат вреден рекордни 1186 бодови !!!

Највреден резултат во историјата на македонската атлетика по бодовната таблица на WORLD ATHLETICS.

Водечки маратонски резултат на сите времиња од ЕКС ЈУ државите.

Убедливо најдобар сезонски резултат во македонската атлетика во олимписката 2024 година.

Потврден и целосно оправдан статус олимписки стипендист на МОК за ЛОИ 2024.

Норма за настап на европското првенство во Рим во јуни 2024 година (норма 02.11.00).

ЛОИ 2024 Париз е веќе наша реалност со сигурен настап.

……………………………..

Почитувана спортска јавност…

За крај само ќе кажам едно и единствено нешто.

Сето ова погоре го постигнаа двајца маченици од село Марино, скопско.

Едниот неук тренер без диплома, а другиот дете кое почна да трча по локален пат за да се рехабилитира од повреда.

Толку од мене.

Поздрав од Дарио и МС до цела Македонија“, објави на Фејсбук тренерот Игор Јакимовски.

На маратонот во Севилја победи Дереса Гелета Улфата од Етиопија со 2:03,27 ч., пред Морхан Амдуни од Франција, кој на целта стигна 20 секунди по него, а победничкиот подиум го комплетира Гашау Ајале од Израел со 2:04,53 ч.