Иванов: Законот за јазиците е закана за унитарноста на државата

Претседателот Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање во Собрание го оцени Законот за употраба на јазиците што е во процедура како неуставен, репресивен и закана за унитарноста на државата.



„Со овој закон заради краткорочни политички поени се доведуваат во прашање трајните интереси на Македонија и македонскиот народ. Барањето за двојазичност е апсолвирано со амандман 5 од Уставот, кој произлезе од Рамковниот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. За еден предлог-закон да има европско знаменце неопходно е да постои европска директива, која налага усогласување на македонското законодавство со тоа на Унијата. Таква директива не постои и со овој закон ќе станеме можеби единствена европска држава која сама си поставува услови за членство во ЕУ, што никој не го бара“, рече Иванов.

„Законот е репресивен. Оние кои тврдат дека овој закон е во согласот со Уставот и со законите ќе ги прашам со чиј Устав и со чии закони? По консултации со експерти, можам да кажам дека Законот за јазиците не е закана по македонскиот јазик, туку по унитарноста на државата. Овој закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија“, додаде македонскиот претседател.