Иванов: ЕУ да го деблокира интегративниот процес за Македонија

„Со статус-кво состојбата на Македонија и е попречено правото на просперитет. Европската Унија треба да преземе итни чекори и да го одблокира интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен. Како земја, потребна ни е трансформирачката моќ на интегративниот процес“ порачал претседателот Иванов на средбата со Дидие Реиндерс. заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија.
На средбата, заменик-претседателот на белгиската Влада Реиндерс изразил поддршка на заложбите нa Република Македонија за отворање на пристапните преговори за членство во Европската унија.
Двајцата соговорници размениле мислења за актуелните состојби во Европа, поврзани со мигрантската криза, безбедносните предизвици, при што било посочено на потребата од поинтензивна билатерална соработка и подинамична безбедносна соработка.
Претходно во неговото обраќање на официјалната сесија на отворањето на Форумот Кран Монтана, во Брисел македонскиот претседател повика Европската унија да покаже одлучност и на Македонија да ѝ даде датум за почеток на преговорите за членство, пренесе Радио слободна Европа.
Тој рече дека Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање.
Иванов, како што пренесоа медиуми во регионот навел дека сите европски стандарди и принципи се усвојуваат заедно со преговорите за членство.
„Земјата станува европска и се приближува кон европските стандарди со секое затворено поглавје… Проширувањето треба да продолжи, потребни се инвестиции во инфраструктурата и енергетската мрежа, бидејќи солидарноста е единствениот начин да се изгради регион и континент на безбедност, мир и просперитет”.